Ја споделуваме тагата и изразуваме длабока солидарност кон турскиот и сирискиот народ, кои утрово беа погодени од земјотрес со катастрофални последици, каде до сега животот го загубија над 2000 лица.

Природните непогоди не може да се предвидат, но секако дека може да се превенираат, преку минимизирање на бројот на човечките жртви. Турција  во 1999 година ја доживеа „најкратката ноќ, со најдолга тага“, каде животот го загубија над 17.000 лица. Тогаш се одржаа низа на судски спорови и многумина беа осудени за причинетата смрт. Тогаш се променија и стандардите за градење. Но, денес бевме сведоци на траорни глетки, уништени цели квартови, заглавени луѓе под урнатините, повредени, загинати..

Исто така, видовме  дека дел од зградите не претрпеа штета, а друг дел се срушија како кули од карти. Во прилог на ова, оди и информацијата дека, дел од осудените за земјотресот од 1999 година, после излегување од затвор се вратиле повторно како работници и сопственици во градежната индустрија.

Ако се учеше од лошите искуства и лекциите од минатото, ќе беше избегната смртта на илјадници луѓе. Но живееме во капиталистички систем на војни, национализам и систем каде човечкиот живот е вреднуван низ призма на профитот.

Се додека не се смени економскиот систем, единствен начин да им се помогне на загрозените во Турција и Сирија е меѓународната солидарност.