Членови на Социјалистичка зора изминатиот викенд го посетија Белград, на покана на другарите од Црвена Иницијатива – сестринска социјалистичка организација од Србија.
Под водство на другарката Олга Драгаш, преку целодневна историско-едукативна прошетка се запознавме со спомен обележјата и битните датуми од револуционерното минато на Белград. Па да почнеме со ред…
1871 ВЕСНИК РАДЕНИК – СТАРИ ГРАД
Спомен-плоча посветена на весникот „Раденик“ се наоѓа во Општината Стари Град. Во оваа зграда од јуни 1871 година до крајот на април 1872 година се наоѓала редакцијата на весникот „Раденик“ – прв социјалистички весник во Србија и на Балканот, чиј уредник бил Светозар Марковиќ, првиот социјалист на овие простори.
На страниците на овој весник, за прв пат, во продолженија биле објавени Марксовите дела „Граѓанската војна во Франција“ и две поглавја од „Капиталот“. „Раденик“ се издавал две години.
1898 КОСТА АБРАШЕВИЌ – ПАРК МАЊЕЖ
Споменик на Коста Абрашевиќ (Коста Абраш) се наоѓа во паркот Мањеж, а се состои од квадратна основа и квадратен пиедестал, врз кој е поставена биста на младиот поет. На предната страна од пиедесталот испишани се стиховите од неговата славна песна Црвена:
Црвена е крвта што врие и тече,
Црвена е молњата облаци што сече,
Црвено е небото в зори што се смее,
Црвено е знамето гордо што се вее;
Црвена е омразата во нашите гради
И гневот е црвен на стари и млади.
О, тирани, чујте – денот веќе иде –
И нашата одмазда – црвена ќе биде.
Коста Абрашевиќ е роден во Охрид во 1879 година. Кога имал 9 години, во 1888, со семејството се сели во Шабац, каде и починал во 1898 година на само 18-годишна возраст. Сепак, за време на краткиот живот создал препознатлива пролетерска поезија која изобилувала со социјалистички мотиви, на тој начин оставајќи неизбришлива трага во јужно-словенската литература.
Во децениите после неговата смрт, името на поетот не било заборавено. Напротив, Коста Абрашевиќ бил инспирација за многу младински и културно-уметнички колективи. Некои од нив, гордо го носеле неговото име, меѓу кои најпознат е КУД Абрашевиќ Белград, основан 1905 година. Ова културно-уметничко друштво сеуште постои и е активно, а настанало од пејачкиот хор и театарската група на Белградското работничко друштво.
1903 ОСНОВАЧКИ КОНГРЕС НА ССДП – КАФАНА ЗОРА, СТАРИ ГРАД
Спомен-плочата се наоѓа на ул. „Македонска“ во општина Стари град, а на неа пишува:
„Во оваа зграда беше одржан основачкиот конгрес на Српската социјалдемократска партија и главниот Работнички сојуз на 2 август 1903 година. Тука се одржани и конгресите од 1904, 1907, 1908, 1909 и 1910 година“.
Српската социјалдемократска странка (ССДС) беше основана во 1903 година, а од 1909 година се преименува во Српска социјалдемократска партија (ССДП) и дејствуваше до 1919 година. Таа беше политички претставник на работничката класа која што беше во подем, но и важен носител на борбата за социјално законодавство. Имајќи ја предвид етничката мешавина на Балканот, ССПД ја следеше идејата за Балканска федерација.
ССДП се залагаше за универзално право на глас, воведување прогресивен данок, намалување на големите расходи за војската и подобрување на економијата и образованието.
ССДП водеше доследна антивоена политика и гласаше против сите воени заеми за време на анексијата, Балканските војни и Првата светска војна. ССДП влезе во историјата како единствена партија во цела Европа чии пратеници во парламентот гласаа против воените кредити (воениот буџет) во предвечерието на Првата светска војна.
Додека сите големи и моќни социјалдемократски партии во Европа (како германската СПД или француските социјалисти) потклекнаа под националистичкиот бран и гласаа за финансирање на војната на сопствените влади, ССДП остана доследна на антивоените принципи на Втората интернационала.
1906 РАДОВАН ДРАГОВИЌ – ПАРК МАЊЕЖ
Споменик на Радован Драговиќ се наоѓа во паркот Мањеж, а се состои од квадратна основа и квадратен пиедестал, врз кој е поставена биста на револуционерот.
Роден е во 1878 година во Ужице. Рано се запознал со работничкото движење и ги проучувал делата на Маркс, Енгелс и други современи марксисти. Активно учествувал во работничкото и социјалдемократско движење на Србија.
Во текот на 1900 и 1901 година, соработувал со весниците „Напред“ и „Раднички лист“. Тој бил вклучен и во основањето на Белградското работничко друштво. Подоцна, се вклучил во основањето на синдикати и општи работнички друштва. Бил уредник на весникот „Радничке новине“ и секретар на Централниот комитет – нелегалното управно тело на српското работничко движење. Особено бил активен во работата за основање на Српската социјалдемократска партија. Бил секретар на ССДП, а од 1905 година и нејзин претседател. Тој бил и основач и прв учител во партиското училиште во Белград во текот на 1903 и 1904 година.
Починал во Белград, на 28 годишна возраст, на 7 јануари 1906 година.
1914 ДИМИТРИЈЕ ТУЦОВИЌ – ПЛОШТАД СЛАВИЈА
По завршувањето на Втората светска војна, посмртните останки на Димитрије Туцовиќ биле пренесени од воените гробишта Лазаревац и погребани на плоштадот Славија, кој во 1947 година бил преименуван во Плоштад Димитрије Туцовиќ. На плоштадот, над неговиот гроб, во ноември 1949 бил поставен Споменик во негова чест – дело на познатиот вајар Стеван Боднаров.
Поради целосна реконструкција на плоштадот (кој од 2004 година го носи старото име „Славија“) и изградбата на голема музичка фонтана во центарот на кружниот тек, во ноември 2016, споменикот беше отстранет, а посмртните останки на Туцовиќ беа пренесени во Алејата на великаните на новите гробишта во Белград. Тоа беше шесто по ред погребување на револуционерот, на кого денес не може ниту името да му се прочита на споменикот, затоа што предната плоча со натписот е откорната и се уште не е заменета со нова. По две години поминати во магацин, во октомври 2018, бистата беше вратена на Славија, но не на старото место, туку на плочникот пред зградата на Народната банка на Србија, каде што се наоѓа и денес.
Димитрије Туцовиќ бил роден во 1881 година во селото Гостиље на Златибор.
Активно работел на организирање на младинското работничко движење, но и во создавањето модерни работнички синдикати во Кралството Србија. Токму Димитрије Туцовиќ и Радован Драговиќ го иницирале создавањето на „Централниот комитет“ кој имал задача да ги координира штрајковите на работниците ширум земјата.
Во март 1903 година, околу 5.000 студенти, ученици и работници излегле на демонстрации против апсолутистичкиот режим на кралот Александар Обреновиќ, организирани од социјалистите Димитрије Туцовиќ и Триша Кацлеровиќ. Нив не им било дозволено да одржат митинг, поради што истиот завршил со насилство, односно пет лица биле убиени, а шест биле ранети во судирот на демонстрантите со полицијата.
На 2 август 1903 година кога била формирана Српската социјалдемократска партија, Димитрије Туцовиќ станал уредник на нејзиното гласило „Работнички весник“. Тој бил и организатор и претседавач на Првата Балканска социјалистичка конференција која се одржала во Белград од 7 до 9 јануари 1910 година, а која имала за цел создавање на програмски основи на идната Балканска социјалистичка федерација.
Димитрије Туцовиќ присуствувал на Меѓународниот социјалистички конгрес во Копенхаген истата година и одржал важен говор во кој ја критикувал позицијата што ја зазеле австриските социјалдемократи за националното прашање, особено анексијата на Босна и Херцеговина. Тој ја истакнал колонијално-завојувачката политика на Австро-Унгарија и фактот дека тамошните социјалдемократи ја поддржувале Владата по ова прашање.
По избувнувањето на Балканските војни во 1912 година, тој бил мобилизиран, поради што и учествувал во српскиот воен поход во Албанија. Тој испраќал писма од воениот фронт за воени злосторства против албанското цивилно население, кои редовно биле објавувани во Работничкиот весник.
По завршувањето на Балканските војни, го објавил најпознатото свое дело со наслов: „Србија и Арбанија: Један прилог критици завојевачке политике српске буржоазије“ , марксистичко дело кое се смета за едно од најзначајните за националното прашање на Балканот.
Димитрије Туцовиќ загинал како припадник на Моравската дивизија во ноември 1914 година во Колубарската битка против австроунгарската војска.
1918 ДУШАН ПОПОВИЌ – ПАРК МАЊЕЖ
Споменик на Душан Поповиќ се наоѓа во паркот Мањеж, а се состои од квадратна основа и квадратен пиедестал, врз кој е поставена биста на револуционерот.
Душан Поповиќ бил роден во 1885 година во селото Волујак, во близина на Рековац. Бил голем борец за работнички права и воведување на универзално право на глас во Кралството Србија.
Во 1905 година, се приклучил на Српската социјалдемократска партија и почнал да се етаблира во социјалистичките кругови како соработник на „Радничке новине“. Во 1907 година, станал уредник, а во мај 1908 година, главен уредник на „Радничке новине“. Во септември 1909 година, на предлог на Димитрије Туцовиќ, бил избран за секретар на Главната партиска администрација. Оваа функција ја имал до септември 1912 година и повторно од 1915 година до неговата смрт.
Душан Поповиќ бил предавач на Партиската школа во Белград и заедно со Димитрије Туцовиќ го основал весникот „Борба“, партиско списание кое се издавало од 1910 до 1914 година. Во 1917 година, заедно со Триша Кацлеровиќ, емигрирал од окупирана Србија. Прво отишол во Стокхолм, а откако не успеал да премине во Петовград, отишол во Лондон. Бил многу импресиониран од настаните во Русија и избувнувањето на Големата Октомвриска социјалистичка револуција.
Починал на 8 ноември 1918 година во Лондон. Погребан е на гробиштата Хајгејт,, веднаш до гробот на Карл Маркс. Во декември 1959 година, неговите останки биле пренесени во Белград и погребани во Алејата на великаните.
1919 ОСНОВАЧКИ КОНГРЕС НА ОБЕДИНУВАЊЕ – ГРАНД ХОТЕЛ СЛАВИЈА
Спомен-плоча посветена на Основачкиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија се наоѓа на местото на поранешниот Гранд хотел Славија. Таму, од 20 до 25 април 1919 година се одвивал познатиот „Конгрес Уједињења“ и била основана Социјалистичката работничка партија на Југославија (Комуниста).
Конгресот донесе практична акциона програма, Статут на СРПЈ(к) и одлука за пристапување во Третата комунистичка интернационала.
На Конгресот учествувале 432 делегати кои ги претставувале работничките организации од сите делови на новоформираното Кралство СХС. Српската социјалдемократска партија (ССДП) колективно се приклучила на СРПЈ(к), при што лидерите на ССДП, Филип Филиповиќ и Сима Марковиќ, последователно станале генерални секретари на партијата.
Конгресот на обединувањето одржан во Хотелот Славија, претставува темел на подоцнежната Комунистичка партија на Југославија (КПЈ). Тоа е партијата која ја потресе политичката сцена само една година подоцна.
1920 ГРАФИТ „ГЛАСАЈТЕ ЗА ФИЛИП ФИЛИПОВИЌ“ – УЛИЦА СРЕМСКА
Паролата „Glasajte za Filipa Filipovića“ се смета за најстар зачуван графит во Белград. Напишан во август 1920 година, за време на предизборната кампања за тогашните Локални избори во Кралството СХС – графитот е зачуван до денес, во строгиот центар на градот.
Графитот бил дел од кампањата на новоформираната Комунистичка партија на Југославија (КПЈ) која победила на тие избори, а Филип Филиповиќ, бил избран за градоначалник на Белград. Но да раководи со градот, КПЈ и Филиповиќ имале можност само 24 часа, бидејќи тогашната монархистичка власт насилно спречила тој и комунистичките одборници да ја преземат во целост должноста. Набрзо потоа, со донесувањето на уредбата „Обзнана“, работата на КПЈ била целосно забранета.
Филип Филиповиќ од 1916 година се поврзал со болшевиците во Виена и станал особено политички активен. На почетокот на 1919 година се вратил во Југославија и работел на организирање на Конгресот за обединување на кој била создадена СРПЈ(к), при што бил избран за Прв секретар на Извршниот комитет на Централниот партиски совет.
На Вуковарскиот конгрес, одржан во 1920 година, ја предводел револуционерната струја во партијата, која добила предност, по што партијата била преименувана во КПЈ. Активно работел на популаризација и одбрана на револуциите во Унгарија и Русија, за што бил апсен и прогонуван неколку пати. Заедно со други членови на раководството на КПЈ, бил уапсен, по што се водел т.н „Видовдански процес“ во 1922 година, кога бил осуден на две години затворска казна. Во 1924 година бил приморан да емигрира.
Филип Филиповиќ бил претставник на КПЈ во Балканската комунистичка федерација (БКФ) – Револуционерно здружение на комунистичките партии од Балканот (Бугарија, Југославија, Грција и Романија), формирано во 1920–1921 година под директно влијание и раководство на Комунистичката интернационала (Коминтерна).
Забелешка*
Иако врз овој историски графит е ставено заштитно стакло – сепак тоа беше вандализирано, на начин што беше исчкртано со различни бесмислени зборови,, и беше излепено со различни рекламни огласи. Активистите на Социјалистичка зора од Македонија и Црвена Акција од Србија се потрудија да го исчистат ова спомен обележје, како би станало подостапно за минувачите. Она што не радува, е тоа што дел од нив позитивно реагираа на нашата скромна теренска акција.
1941 ЖРТВИ НА НАЦИСТИЧКО БОМБАРДИРАЊЕ – КАРАЃОРЃЕВ ПАРК
Во Караѓорѓевиот парк е поставена Спомен плоча посветена на Белграѓаните кои загинале во засолниште за време на бомбардирањето на 6 април 1941 година.
Споменикот е во форма на црна гранитна плоча. На плочата е врежан следниот натпис: „Тука во паркот Караѓорѓев, сто деведесет и двајца невини граѓани загинаа од изненаден напад на германски авиони на 6 април 1941 година.“ — Граѓани на Белград, ноември 1975 година.
Бомбардирањето на Белград е дел од т.н Операција „Одмазда“ (германски: Unternehmen Strafgericht). Адолф Хитлер лично го одобрил нападот, издавајќи наредба на 27 март 1941 година како директна одмазда за воениот пуч во Белград. Превратот се случил како последица на револтот на народот и масовните протести под слоганот „Боље рат – него пакт“ со кој беше соборена Владата која претходно го потпиша пристапувањето на Кралството Југославија кон Тројниот пакт на силите на Оската.
1944 ЗАТВОР ГЛАВЊАЧА – ЗГРАДА НА ХЕМИСКИ ФАКУЛТЕТ
Во 1974 година, по повод триесетгодишнината од ослободувањето на Белград, пред зградата на Природно-математичкиот факултет е откриен споменик – мозаик, на кој со ситни камења е испишан следниот текст:
„Ова беше локацијата на затворот „Главњача“ на градската администрација на Белград.
Илјадници комунисти и борци за слобода беа малтретирани во неговите ќелии. Беше запален и изгорен до темел за време на битките за ослободување на Белград во 1944 година.
Гневната коска никогаш не плаче – Бунтовна од земјата излегува!“
Автор на Спомен – мозаикот е абстрактниот скулптор и вајар Милорад Тепавац, а автор на текстот е поетот Светозар Требјешанин.
„Главњача“ бил симбол на полициска репресија врз политичките затвореници и револуционерите речиси еден век (од 1864 до 1953 година). Нејзиното рушење во 50-тите години од минатиот век – симболизирало затворање на едно темно поглавје од историјата на градот.
1956 ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ БРИГАДИ – КАРАЃОРЃЕВ ПАРК
Споменикот посветен на Интернационалните бригади се наоѓа во Караѓорѓевиот Парк, а се состои од стилизирана бела камена плоча, која го содржи амблемот на знамето на Интернационалните бригади и следниот натпис:
„Меѓународните бригади беа формирани во Шпанија во 1936 година, од борци од 53 земји, кои дојдоа на помош на херојскиот шпански народ во неговата борба против фашистичката агресија. Тие беа најубавиот пример за интернационална солидарност и пролетерски интернационализам. Во нивните редови имаше над 1700 југословенски борци, од кои 800 ги дадоа своите животи на боиштата на Шпанија.
– Оваа плоча во Белград е поставена на 28.10.1956 година, во чест на 20-годишнината од формирањето на првите единици на Интернационалните бригади, истата е поставена од страна на Сојузот на борците на НОРЈ“.
Во непосредна близина на паркот е и улицата „Интернационални бригади“.
Преживеаните југословенски борци на Интернационалните бригади поминаа низ логори и затвори и учествуваа во движењата на отпорот во многу земји од окупирана Европа. Голем број од нив успеаја да се вратат во Југославија, каде што учествуваа во НОБ.
Дел од нивната свечена заклетва гласи вака:
„Јас, доброволец во Интернационалните бригади, се колнам на својата чест, пред шпанскиот народ што ја брани слободата на светот, дека ќе се борам со оружје во рака за да ја спасам независноста на Шпанија од странските фашистички напаѓачи.
Ако ја прекршам оваа свечена заклетва, нека ме стигне презирот на моите соборци и казната на народот.“
1965 ЗГРАДА НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ – СОЈУЗЕН СЕКРЕТАРИЈАТ ЗА НАРОДНА ОДБРАНА
Зградата на Генералштабот и Сојузниот секретаријат за народна одбрана во Белград претставува еден од најзначајните архитектонски споменици од периодот на социјалистичка Југославија. Комплексот, изграден меѓу 1955 и 1965 година, е ремек-дело на модернистичката архитектура, дизајниран од познатиот југословенски архитект Никола Добровиќ.
Комплексот се состои од две монументални згради (блок А и блок Б), изградени од бели мермерни плочи од островот Брач и фасада од црвен камен од Којсериќ, разделени со улица, со својата карактеристична каскадна форма ја симболизираат славната Битка на Сутјеска кога партизаните го пробија обрачот на здружените нацистички, усташки и четнички војски.
Зградите беа тешко оштетени за време на воздушните напади на НАТО во 1999 година и оттогаш останаа во руинирана состојба, служејќи како неофицијален споменик на тој период. Бомбардирање на Генералштабот било вршено на 29/30 април и 7/8 мај 1999 година. Во тие денови, зградата била празна, поради што се претпоставува дека била бомбардирана поради нејзината симболична вредност отколку поради воени-тактички причини.









