Во изминатите денови, учествувавме на интернационален камп во организација на нашите словенечки другари од социјалистичката студентска организација „Искра“. Кампот се одржа во Запоток, во близина на Љубљана, каде што се собраа другари и другарки од Италија, Србија, Македонија, Косово, Хрватска и Словенија.
Главниот акцент на собирот беше ставен на зајакнувањето на меѓусебните врски помеѓу организациите и на изградбата на заедничка платформа за борба против милитаризацијата и империјалистичките војни, кои претставуваат директна закана за народот на целиот балкански регион и пошироко. Идејата беше да се создаде простор за плодна дискусија и надминување на разликите, при што се истакна важноста на пролетерскиот интернационализам како противтежа на империјалистичката пропаганда и националистичките поделби.
Тридневната програма беше исполнета со низа политички настани и колективни активности. Се одржаа предавања и работилници кои се фокусираа на природата на империјализмот денес, улогата на НАТО и последиците од воената ескалација во Источна Европа. Исто така се дискутираше и за идните чекори и продлабочување на соработката за водење успешна социјалистичка борба во 21 век. Покрај сесиите во рамки на конференцијата, во слободното време беа организирани и заеднички планинарски тури, спортски активности и дружење, со кои дополнително беа зацврстени другарските врски.
Нашите членови активно учествуваа во дискусиите и одржаа презентации за состојбата во Македонија, за положбата на земјата во глобалниот империјалистички систем и за искуствата од борбите на работничката класа кај нас.
Притоа беа разменети корисни искуства и идеолошки погледи, особено околу предизвиците со кои се соочуваат работниците и студентите на Балканот.
Единствениот излез од империјалистичките војни е во организираната класна борба. Подобар свет е можен и неопходен.

















