Кои сме ние

Социјалистичка зора е марксистичка организација чија долгорочна цел е воспоставување на социјалистичко општествено уредување. Сметаме дека само преку   социјалистичко уредување може да се надминат клучните проблеми со кои се соочува човештвото денес, а се директна последица од моменталното уредување – капитализмот: сиромаштија и огромна нееднаквост, уништување на животната средина и планетата во целина, империјалистички војни, лош јавен образовен и здравствен систем, недостапно домување, отуѓување на луѓето помеѓу себе…

Нужна е победа на идеите на марксизмот врз останатите идеологии кои ги делат работниците по национални, верски, родови и други основи, претворајќи ги во непријатели помеѓу себе. Затоа се залагаме за разобличување на патријархалниот морал, ревизионизмот, етно-шовинизмот и  опортунизмот.

Голем број на луѓе се свесни за штетните последици на капитализмот, но отсуствува вербата и борбата за негово соборување. Поучени од долгата историја на општествените промени, реформистичкиот пристап и т.н. социјален дијалог не само што не носат промени, туку истите ги разводнува и спречува да се случат.

Затоа сметаме дека неопходни се револуционерни, нагли промени на системот. За оставарување на таа цел активно го поттикнуваме синдикалното здружување на работниците и градиме кадри кои можат да го понесат факелот на социјалистичката револуција. Во исто време соработуваме со идеолошки блиски организации и групи од земјата, регионот и пошироко.