Во сенката на Светското првенство во фудбал и неколкуте рунди „мировни“ преговори помеѓу американските и иранските делегации, се одржа овогодинешниот Самит на НАТО во Анкара.
За разлика од претходните, овој Самит не беше помпезно најавуван, ниту неговите одлуки беа рекламирани во јавноста во очекувана мера, нешто што на прв поглед оддава впечаток за „проблеми во рајот“, односно за сомнително единство во алијансата предводена од САД. Дека алијансата е „хартиен тигар“ од 30 земји членки во која сите конци ги влече САД, укажува и следната порака на генералниот секретар Руте до Трамп, која овој вториов јавно ја сподели на неговата Truth Social мрежа.

Оваа порака јасно укажува кој е газда во алијансата (САД), а кој само треба да ги следи трамповите наредби и притоа да му аплаудира (Генералниот секретар и сите останати земји членки).
НАТО самитот во Анкара ги разголи до крај вистинските намери на империјалистичката алијанса предводена од САД. Под концепцијата „NATO 3.0“ шефовите на државите членки договорија нова проширена воена агресија за периодот кој претстои.
НАТО И ЕВРОПА
Од точките на дневен ред на овој Самит централно место зазеде продолжувањето на војната во Украина. За оваа цел, под претекст на „итна помош“, земјите членки се обврзаа во 2026 да и’ дадат на Украина 70 милијарди евра, и во наредната 2027 уште најмалку исто толку, за дополнително воооружување.
Водени од економските интереси на воено-индустрискиот комплекс, Полска доби нова улога на главен логистички центар за испорака на оружје со долг дострел. На Самитот се донесе одлука и за нова набавка на оружје од страна на алијансата во вредност од над 50 милијарди долари. Ова во турската јавност беше претставено како позитивно за домашната економија, затоа што оваа набавка ќе била направена од турската воена индустрија.
Притоа, останува заземената обврска од минатогодишниот Самит во Хаг, до 2035 година земјите членки да издвојуваат 5% од своите буџети за воените авантури на алијансата. Овој 10 годишен план (5% до 2035) подразбира дупло зголемување на овие издатоци ако се земат предвид податоците од минатата 2025 кога земјите членки, просечно издвојуваа 2.5% од своите буџети за војна.

Заземените обврски и притисокот на Трамп до посакуваните 5% да се стигне што поскоро, секако подразбира нов бран кратења на државните буџети за здравство, образование, социјална заштита и заштита на животната среднина.
За да се нахрани воената машина на крупната буржоазија, се подготвува терен за класичен грабеж и префрлање на целиот товар на наоружувањето врз грбот на работниците.
НАТО И БЛИСКИОТ ИСТОК
На инсистирање на Трамп, на Самитот се дискутираше и за членот 5 од НАТО основачкиот договор, според кој нападот на една земја членка – значи напад на сите земји. Потребата од повторно нагласување на овој фамозен член секако е поврзано со очекувањата на Трамп, Европа повеќе да се ангажира во војната со Иран.
Во конечното соопштение кое произлезе од Самитот, експлицитно се посочува Иран како главна закана поради што никогаш не смее да се здобие со нуклеарно оружје. Сојузниците, исто така, побараа Техеран целосно да ја почитува слободата на навигација во Ормутскиот теснец.
За време на Самитот, министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО одржаа разговори на високо ниво со колегите од Бахреин, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати. Турција останува главниот географски мост на алијансата кон Блискиот Исток – за целите на поблиска оперативна координација помеѓу монархиите од Заливот и НАТО. Несомнено е дека користењето на воените воздухопловни бази, клучни за јужното крило на НАТО, е услуга која за возврат треба да значи зелено светло за продолжување на операциите на северот на Сирија и проширување на „безбедносната зона“ во Ирачки Курдистан. Турската буржоазија цели кон проширување на својот пазар во земјите на блискиот исток, додека турскиот работник ја плаќа цената со воена инфлација и мобилизациски наредби.
Врв на агресијата е операцијата „Одлучувачки штит“ – официјален повторен почеток на војната против Иран. Повеќемесечните преговори со Иран беа неуспешни поради честите прекршувања на договорот од страна на САД. На Самитот беше дадено зелено светло за обновување на воздушните напади врз иранската инфраструктура и противвоздушна одбрана. Нападите започнаа само 48 часа по завршувањето на Самитот, што е доказ дека одлуката била донесена однапред, а дипломатската пауза послужила само за прегрупирање на силите.
НАТО И ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК
Клучните одлуки во врска со Индо-пацифичкиот регион вклучуваат конкретни партнерства во одбраната. НАТО го трансформираше својот однос со партнерите од IP4 (Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд) во практична индустриска соработка.
Започнати беа дискусии за склучување договори за заеднички набавки, искористувајќи ги производствените капацитети на Источна Азија за зајакнување на синџирите на снабдување со муниција и воена опрема. Покрај тоа, беа потпишани и договори за воена соработка со Јапонија и Јужна Кореја, кои преку овој чекор се интегрираат во командните структури на Алијансата, со цел поголемо зајакнување на западната хегемонија во Источна Азија.
Овој НАТО самит ја реафирмираше заложбата за структурна наразделност на евро-атлантската и индо-пацифичката безбедност. Во оваа смисла, НАТО и IP4 земјите се согласија да го забрзаат спроведувањето на Индивидуално прилагодени програми за партнерство (ITPPs) за заедничко справување со поморски и хибридни закани од Кина и Северна Кореја.
НАТО И РАБОТНИЦИТЕ
По Самитот, во една изјава американскиот државен секретар Марко Рубио најави рестрикции и беспоштедна борба против „крајно левиот зол екстремизам“, изедначувајќи го марксизмот со тероризам, говор кој многу наликуваше на еден од говорите на Хитлер од 1933г. Реалноста е дека со ова се криминализира слободата на говорот и се легализира прогонот врз комунистите, анти империјалистите, синдикатите, организираните работници и антивоените движења, а трендот укажува дека и членките на НАТО полека го следат империјалистичкиот диктат.
Додека домашните буржоазии тргнуваат во империјалистичка војна, интересот на работничката класа, секаде во светот, е да не биде вовлечена во неа. Рестартирањето на војните ширум светот не е случајно, туку се раѓа од потребата за инсталирање на капиталистичките монополи. Затоа сега неопходен e обединет анти-империјалистички фронт, работничка борба против воената индустрија и ширење на свеста дека единствениот траен мир е мирот меѓу слободните народи – во социјализам.
