Трикафта (Кафтрио) е нов лек чие дејство е докажано дека ја подобрува состојбата на пациентите со цистична фиброза и го продолжува нивниот животниот век. Додека луѓето со цистична фиброза во Македонија протестираат и се борат за државата да им го обезбеди скапиот лек, животот го загуби Благојче Илиевски од Битола кој беше во исчекување на Трикафта. 

Но, зошто овој лек е толку скап и зошто државата го нема обезбедно, кога буквално се работи за живот или смрт? 

Одговорот е дека фармацевтската индустрија, како и сите останати капиталистички индустрии, е профитно-ориентирана при што функционира и работи исклучиво во корист на крупниот капитал. Профитот на газдите секогаш е позначаен од животите на пациентите, а фармацевтската индустрија ги користи сите можни средства за да го зголеми истиот. 

Едно од најзначајните средства за заштита на капиталот, се правата за интелектуална сопственост и времетраењето на патентот врз одреден лек што спречува други компании да произведат биоеквивалентни лекови кои ќе имаат ист ефект, но со пониска цена.

Трикафта е производ на компанијата „Вертекс“ и истата моментално има монопол врз производството на лекот. И покрај тврдењата на „Вертекс“ дека сакаат лекот да го направат достапен за сите, компанијата сепак одбива да дозволи производство на генерички еквиваленти кои би биле достапни за земјите во развој, би стигнале до многу пациенти и за многу пониска цена. Моментално за некоја компанија да го произведува лекот, истата треба да плаќа огромна цена на „Вертекс“ бидејќи тие се сопствениците на патентот и интелектуалните права. Моментално фирмата во Србија која го произведува лекот, истиот го продава за 70 илјади евра годишно. Тоа е цената за само еден пациент или по 5.800 евра од месец за еден пациент. Ова е уште еден доказ за жртвување на човечки животи, како резултат на системот и профитот. „Вертекс“ е мета на критики поради контроверзноста околу цената на лекот, од кој компанијата пријавила 17 милијарда долари профит од 2019 година откако истиот беше пуштен во употреба.

Во прилог споделуваме текст кој во детали го објаснува лукративното функционирањето на фармацевтските компании во капитализмот. Ова е трет дел од текстот „Фармацевтската индустрија во современиот капитализам“ кој поконкретно го содржи објаснувањето околу тоа зошто лековите се толку скапи. Целиот текст се состои од 5 дела кои може да ги најдете на сајтот на „Гласник“.

(Џоел Лексчин) Фармацевтската индустрија во современиот капитализам (III дел)