Во изминатите денови наши членови учествуваа на летниот политички камп Camping Αναιρέσεις 2022 во Грција, во организација на нашите другари од младината за комунистичко ослободување, дел од НАР, во рамки на нивниот културен проект Αναιρέσεις.

На овој интернационален камп учествуваа над сто другари од различни сродни организации и движења од повеќе земји и тоа од Грција, Србија, Македонија и Франција. Акцентот беше ставен на самоорганизирањето, колективот и солидарноста, што го претставуваше и мотото на кампот.  Додека пак, идејата беше да се одржи еден алтернативен начин на годишен одмор што им пркоси на мејнстрим одморите и секојдневниот живот, наметнат од владеачката идеологија, докажувајќи ја важноста на придонесот во заедницата/колективот. За време на кампот беа пренесени јасни антикапиталистички, антишовинистички и антиимперијалистички пораки, и беа разменети голем број искуства, визии и идеи околу нашата секојдневна борба.

Богатата десетдневна програма ја сочинуваа низа на политички настани, дискусии, музички концерти, посета на антички театар, спортување, планинарење, историски тури и останати колективни активности. Некои од темите на овие настани беа околу манифестацијата на младинските музички трендови, борбата на студентското движење, слободното време на работничката класа, историски осврти на париската комуна, грчката граѓанска војна и друго.

Секоја организација имаше можност да ја претстави својата работа и да ги презентира своите активности, како и борбата и домените на делување, каде се обратија и нашите членови, и дадоа осврт на случувањата во земјата и состојбата на социјалистичкото движење. Притоа беа разменети значајни досегашни искуства и идеолошки погледи.

На крај се потенцираше дека подобар свет е можен и неопходен, дека нашата борба е заедничка и таа мора да биде интернационална. Настанот заврши со силните извици:
Со лево и комунистичко движење, ќе ја победиме социјалната и класната борба!
Студенти и Работници, еден глас, една борба!
Ослободување, Еднаквост, Интернационализам, иднината на светот е комунизам!