Во пресрет на претстојниот самит на НАТО, кој оваа година се одржува на 7ми и 8ми јули во Анкара, синдикатите и анти-НАТО фронтот на револуционерни работнички организации во Турција масовно излегоа на протести во најголемите градови – Истанбул, Анкара и Измир. Под слоганите „Не на империјалистичката агресија и НАТО!“ и „Турција мора да излезе од НАТО“, илјадници работници излегоа на улиците да ја покажат својата одлучна борба против капиталот и војната.
Според една анализа објавена на порталот Evrensel.net („Турскиот капитализам, глобалниот меѓупериод и концептот НАТО 3.0“), денешната алијанса доживува длабока стратешка метаморфоза. НАТО 3.0 претставува премин од евро-атлантски одбранбен сојуз кон глобална офанзивна интервенционистичка сила, која се обидува да го задржи западното хегемонистичко влијание преку конфронтација со новите светски сили. Оваа глобална нестабилност е клучот за разбирање на турската позиција. Во услови на глобален меѓупериод – каде што американската хегемонија слабее, а нов поредок сè уште не е изграден – империјалистичките сили се насочуваат кон воено преоружување.
Токму во овој хаос, турската капиталистичка држава ја гледа својата шанса. Анализата истакнува дека Турција се позиционира како клучен производител и добавувач на оружје за Западот. Со својата огромна и брзорастечка воена индустрија (вклучувајќи беспилотни летала, муниција и оклопни возила), Турција станува главен столб на глобалниот ланец за снабдување на НАТО. Оваа улога значи дека турскиот капитал директно профитира од војните, претворајќи ја земјата во „оружарница“ која ги снабдува империјалистичките конфликти од Украина до Кавказот, додека народот го плаќа данокот за оваа смртоносна машинерија.
Работничката мобилизација е директна реакција токму на оваа улога на Турција во глобалното воено производство. Синдикатите и револуционерните сили јасно сфаќаат дека излезот од НАТО е неопходен чекор во борбата против капиталистичкото насилство и потчинувањето на турскиот народ на интересите на капиталoт.
Социјалистичка зора изразува силна поддршка на сите револуционерни сили и синдикати во Турција кои се борат против капиталот и војната. Нивниот глас е директен повик против милитаризацијата и јасна порака дека единствениот револуционерен пат е соборувањето на капиталистичката воена машинерија и излегувањето од империјалистичките сојузи.
View this post on Instagram
