Денес Апелациониот суд Скопје донесе одлука против другарот Здравко Савески. Тој и Владимир Куновски беа обвинети за кршењето на канцеларијата на Претседателот на 12 април 2016 година, кога Иванов ја објави аболицијата на функционери од тогашниот државен врв за кои се водеа истраги за кривични дела поврзани со корупција, политичка репресија и други злоупотреби на функциите. Здравко Савески и Владимир Куновски се осудени на 6 месечна условна казна затвор, при што должни се да платат 8.500 евра матерјална штета за канцеларијата, како и останати судски трошоци.

Од целиот бран стотици протестирачи кои се упатија кон канцеларијата во центарот на Скопје, многумина насилно го изразија својот револт од политичката аболиција, но само за шест мина беа поведени кривични судски постапки. И тоа за лица како другарите Здравко Савески и Мариглен Демири, кои ниту го донесоа бранот протестирачи пред канцеларијата, ниту командуваа со постапките на другите.

За време на судскиот процес, на кој му претходеше и притвор, Обвинителството не успеа да докаже дека Здравко Савески го сторил делото кое му се става на товар, поради што Основениот кривичен суд донесе ослободителна одлука. Но, откако на сцена стапи Вишото обвинителство и Апелациониот суд Скопје, судскиот процес започнаа да го следат цела низа „чудни“ моменти како:
– Вишото обвинителство се жали дека не бил сослушан сведок – претставник на канцеларијата, Апелациониот суд предметот не го враќа назад на повторно одлучување пред Основниот суд, туку одлучува да го преземе водењето на случајот, за на крај тој сведок воопшто и да не сведочи.
– Судот со години се занимава со доказите на обвинителството, поради нивната фаличност и недореченост, за на крај да го забрза случајот без да дозволи изведување докази на одбраната, како сослушување сведоци и вештаци, супер вештачење и завршни зборови на обвинетите, се со цел да се донесе веќе одредената одлука и да се фати рокот од 6 години за да не застари делото;
– Висина на штета е одредена врз база на паднато вештачење за висина на истата, а 2 до 3 пати повеќе од таа сума веќе е наплатено од обвинети кои признаа вина за таа проценета штета.
– Освен во првите месеци од процесот, медиумите изгубија интерес да го следат, а на објавата на пресудата дојде само еден новинар од интернет портал.
Иако често и самите се надеваме во правдата преку државните правни механизми, како на пример и надежта дека Врховен суд ќе ја поништи одлуката од Апелација, овој судски процес е уште еден јасен показател дека не живееме во правна држава. Судските и обвинителските одлуки не се носат во тие институции, туку исклучиво во центрите на политичка моќ. Во целата оваа приказна медиумите се тука да известат само за тие што им ги даваат парите: капиталистите и нивните центри на политичка моќ. Нив не ги интересира што социјалисти се влечени по судови и обвинувани. Многу се поважни секојдневните преписки на буржоаските партии.
Во случај казната да стане извршна, најавуваме дека ќе повикаме на донаторски акции за солидарно да ја платиме казната.
Поддршка за другарите и да знаете дека не сте сами!