Помеѓу 20 и 22 декември во Социјалниот центар Дуња во Скопје одржавме средба со организациите и партиите од регионот со кои соработуваме подолго време. Социјалистичка зора беше домаќин организатор на оваа средба на која што се дискутираше на следните теми: информирање за последните економски и политички состојби во четирите земји; дискусија за дејствување и други организациски прашања; дискусија за потпишување заедничка декларација против војните, национализмот и угнетувањето на Балканот.

Вечерта на 21 декември одржавме јавна трибина на тема: Борбата против војните и национализмот, против системот што ги угнетува младите и работниците на Балканот. Говорници беа: Мартин Анѓелевски (Социјалистичка зора), Софија Авѕиду (НАР), Ненад Глишиќ (Црвена акција/Црвена иницијатива), Модератор: Зоран Василески (Социјалистичка зора). Голем дел од присутните се вклучија во дискусијата со прашања и лични размислувања на темата. Трибината заврши со потпишување на заедничката декларација.

Наредниот ден, Скопје на нашите другари од Грција и Србија им го претставивме преку спомен обележјата кои се потсетник на нашето заедничко револуционерно минато. Социјалистичката тура низ централното градско подрачје не’ одведе до Споменикот на борците ослободители на Скопје, Спомен обележјето на црвената скопска општина, Спомен куќата на првата партиска ќелија на КПЈ во Скопје, Спомен обележјата  на првоборците Решад Џафер (Чупчик), Периша Савелиќ, Душко Поповиќ, Невена Георгиева Дуња и други, како и Спомен обележјето на УРС-овите синдикати.