Веќе втора недела се наоѓаме во т.н портокалова фаза, со секојдневна тепмература над 40 степени, што кај низа категории луѓе може да предизвикува сериозни нарушувања на здравјето. Имено, работниците кои работат на отворено (особено градежните работници), бремените жени, хронично болните, старите и изнемоштени лица и бездомниците се најпогодени од високите температури.
Со цел да го „ублажи’ топлотниот удар со некакви мерки – Владата донесе одлука која опфаќа дел категории граѓани (бремените жени и лицата над 60 години кои се ослободени од работа), но заборави на хронично болните. Оваа категорија граѓани подолго време не е пропознаена како ранлива категорија, оттаму и односот на власта и капиталистичката држава кон нив. Капитализмот стана хронична болест со која луѓето некако живеат или животарат.
Понатаму, за компаниите и за градинките со владината одлука издадени се препораки, да не се практикува физичка активност на работници и деца на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Тука министерката за труд и социјална политика се пофали со над 160 вонредни надзори од страна на Државниот инспекторат за труд и издадени решенија за забрана за вршење на дејноста на 30 фирми. Колку и да радува ваквата самоиницијативност на ДИТ, сепак реалноста е сосема посурова. Имено прашање е колку фирми не биле посетени од страна на трудовиот инспектор, колку биле погалени да се придржуваат до мерките, и колку објекти на кои се работи на отворено воопшто не биле посетени, имајќи го предвид постојаниот недостаток трудови инспектори низ годините. Оттаму, со ваквите капацитети и досегашно поведение – не веруваме во трудовиот надзор на капиталистичката држава.
Конечно, издадени се препораки до општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. Со право не веруваме и на оваа „заложба“ сметаме дека се работи само за мртво слово на хартија, кое повторно, прашање е колку е спроведливо, а „спроведеното“ колку е мерливо.
Капиталистичката држава во основа е лицемерна кога се во прашање работничкиот живот и животот на најзагрозените. Додека се промовираат мерките – јавното темелно се уништува. Последица на тоа е слаб јавен сектор со служби кои ги нема или постојат само на хартија. Не веруваме во капацитетите на наведените инсититуции во реализирањето на мерките.
Последно, Владата на вонредна седница одлучи да ги продолжи мерките за заштита на здравјето на населението од топлотен бран до 25 јули. Препораки како препораки, зошто би се почитувале од страна на капиталистите, кога знаеме дека на вагата меѓу работничкиот живот и профитот, повеќе тежи профитот. Така, во измината недела двајца градежни работници загинаа во тетовско, додека пак во Штип работник беше повреден. Лицемерието на капиталистичката држава јасно се потврдува кога ќе се разгледаат подтоците од минатата година, според кои, во 2022 година 169 работници се здобиле со тешки телесни повреди на работно место, од кои 22 работници загинале. Според овие податоци Македонија се вбројува во земјите со висок ризик на работното место.
Конечно, за каква опасност по здравјето се работи сега?
Топлотниот удар често се случува кај постари луѓе, слабо подвижни луѓе без климатизација кои често немаат пристап до соодветна количина на течности итн. Меѓутоа постои и т.н. со напор предизвикан топлотен удар кој се јавува нагло кај здрави активни луѓе (пр. градежни работиници) поради тешка исцрпеност во жешка средина. Телото не може да го поднесе масивниот товар на топлина. При топлотен удар може да се случат следниве симптоми:
– Телесната температура да се качи над 40 степени целзиусови.
– Лицето да има вртоглавица, мускулна слабост или грчеви.
– Гадење и повраќање, силно чукање на срцето и брзо дишење.
– Недостаток на потење и покрај топлината со црвена, топла и сува кожа
– Лицето може да е збунето и дезориентирано.
– Може да настани губиток на свест.
Кај исцрпеност од топлина, состојба поразлична од топлотниот удар но исто така опасна по живот, може да настанат следниве симптоми:
– Слабост, вртоглавица, потење, главоболка, гадење и повраќање
– Потење, брза работа на срцето и губиток на свест.
При услови на напор во топлина може исто така да се јават и топлински грчеви на одредени мускули од телото.
Сите овие состојби може да доведат до силна дехидратација, акутна бубрежна слабост, пореметување во работата на другите органи, а во најтешки случаи и до смрт.
Поради сето погоре кажано, бараме да се забрани работата после 11 часот на отворено, за сите категории на работници, без тоа да ги засега нивните приходи и плата. Власта е сеуште солидарна со капиталистите на штета на работниците невоведувајќи прогресивен данок и повисок данок на добивка. Причина повеќе товарот на топлотниот бран и временото запирање на работните активности – да не смее да падне на грбот на работниците. Во оваа насока ги повикуваме да се активираат синдикатите, особено синдикатот на градежниците.
Исто така, бараме да се прошири списокот на лица целосно ослободени од работа, односно да се додадат хронично болните. Човечкиот живот е бесценет.
За крај ги повикуваме сите работници без оглед на работната позиција, да се солидаризираат меѓусебе, а особено со работниците кои се приморани на овие температури да работат надвор, по цена на својот живот, но за парче леб!