Во Социјалниот центар Дуња, се одржа трибина во организација на Социјалистичка зора, на тема „Државни концепции за македонското прашање: 1878 – 1903 – 1944. Патот од објект кон субјект“.
Говорници на трибината беа младите историчари и социјалисти Стефан Илиевски, Руфат Јашари и Васко Гичевски. Во своите излагања, тие го опфатија историскиот период од 1875 година (почетокот на „Источната криза“) до 1956 година (поствоениот период, заклучно со влошувањето на односите меѓу СФР Југославија НР Бугарија).
Македонското прашање, во својата основа не се разликува од останатите национални прашања, чии никулци лежат длабоко во 19 век. Стремежот на балканските народи за државност, самобитност и сопствен социјален/културен развиток, бива поттикнат од империјалните интереси на големите сили на балканско тло. Имајќи предвид дека овие интереси никогаш не мируваат, туку се засилуваат до точка на вооружени судири – сметаме дека особена обврска е на социјалистите од сите балкански земји да ја завршат својата „домашна задача“.
Но тоа не е лесна задача. Од една страна е епохата на националните држави во која сеуште живееме. Оттаму социјалистите не смеат да замижат пред националните прашања – препуштајќи се само на социјалните. Од друга страна е марксизмот како алатка за анализа и акција, односно историскиот материјализам – нешто сосема спротивно од национал-романтизмот и национал-шовинизмот врз кои се темелат речиси сите национални митови на балкански историографии. Да се обработи едно од најкомплексните историски прашања распослано преку два века – дефинитивно побарува време за повеќекратни и подолготрајни дискусии.
После опсежните излагања на говорниците, следеше дискусија со присутните, модерирана од страна на нашиот член Зоран Василески. Во продолжение преку фотографиите на фотографот Диме Данов, може да ја проследите атмосферата за време на настанот.