Каква улога има денешниот капиталистички систем во подгревање на нарцисоидното однесување кај луѓето?
Голема е веројатноста дека многу луѓе, барем во некоја етапа од животот, ќе сретнат или сретнале егоистична личност со мегаломанско мислење и која скоро без исклучок на највисоко приоритетно ниво ги става своите цели. Таквата личност постојано сака да докажува колку е подобра од другите во скоро сите категории, а често знае да се однесува сурово и со недостиг на емпатија. Ваквите луѓе знаат да преминат многу граници за да стигнат до она што го замислиле како своја цел. Тие често сакаат да бидат центар на внимание а другите да им се восхитуваат. Ова однесување не треба да се поистоветува со висока, туку баш обратно, со многу ниска самодоверба. За споредба, некој што има здрава доза на самодоверба нема да чувствува постојана потреба да се докажува и истакнува како онаа личност која е предводена од својата суета. За жал, ваквото однесување често се наградува во денешното општество, бидејќи капитализмот секогаш на пиедестал ги става оние кои можат да ја победат конкуренцијата и да си обезбедат повисока социјална положба и/или поголема финансиска стабилност. За да се достигнат тие одредници на моќ во денешното општество, кое ги турка индивидуите кон поголема конкуренција и алиенација едни од други, скоро секогаш потребна е остроумност како и немилосрдност. За контраст, оние кои покажуваат емпатија спрема луѓето околу себе, често „страдаат“ во системот, без да успеат да се искачат на повисоко скалило на денешната скала за „успех“.
Веќе долго време ги следам онлајн предавањата на д-р Рамани Дурвасула која е клинички психолог, професор по психологија и автор. Главниот фокус на нејзината работа е нарцисоидност и нарцисоидно нарушување на личноста, но може да сретнете како зборува и на други теми во доменот на психологијата и психичкото здравје. Нејзината содржина секогаш ме предизвикува долго да размислувам а неретко мислите ми се насочуваат кон прашањето „Каква улога има денешниот капиталистички систем во креирање на ваквата личност, односно во подгревање на нарцисоидното однесување кај луѓето?“. Затоа би сакала во овој текст да го разработам ова прашање, користејќи ги информациите кои ги имам научено од д-р Рамани.
Создавање на нарцисоидната личност
Во медицинската наука често се споменува дебатата околу „Nature vs. Nurture“. Оваа дебата го поставува прашањето дали одредена фенотипска појава или карактерна особина доколку зборуваме за психологијата, може да се препише на природата односно генетиката, или на негувањето, односно околината во која човекот (или друг организам) живее. Често одговорот е и двете, бидејќи интеракцијата меѓу природата и негувањето е на некој начин незибежна. Д-р Рамани има зборувано за тоа како се создава нарцисоидната шема на однесување, но таа тежиштето го става врз опкружувањето (најчесто семејно, но и пошироко социјално) многу повеќе отколку врз генетиката. Јас не би навлегувала во детали околу тоа како се создава нарцисоидната личност, но би посочила дека родителите или други личности кои пружаат грижа на детето, се најголемите фактори. Детето на вакви родители често е наградувано кога ќе постигне некаков успех (најчесто нешто што изгледа убаво за родителот да се пофали), но кога тоа дете има некаква емоционална потреба, родителот недоволно пружа совети, утеха и љубов. Ваквото однесување остава недостаток на емоционална поддршка што креира празнина во контролирање на сликата кон себството и сопствената вредност. Тие деца учат својата вредност да ја наоѓаат само кога ќе постигнат нешто и постојано им треба валидација од средината. Тие не можат внатрешно да ја регулираат својата самодоверба. Покрај ова, можно е самиот родител да покажува нарцисоидно однесување, а детето едноставно да следи пример од тоа што го гледа. Д-р Рамани навлегува во детали околу оваа тема во нејзините видеа, кои длабоко ги препорачувам. Морам да истакнам дека не секогаш ваквото однесување од родителите ќе резултира со креирање на ваква личност, бидејќи сите имаме различни вродени темпераменти и различни карактери. Но покрај семејството, сите секојдневно сме експонирани на површните вредности кои ни ги сервира капитализмот. Па дали во денешно време имаме плодна почва за зголемување на превалентноста на ваквите појави во општеството? Разгледувајќи ги карактеристиките на нарцисоидното однесување, би рекла дека најверојатно одговорот е да, имаме не само плодна почва, туку веќе и засеано семе кое чека да порасне.
Карактеристики на луѓето со нарцисоидно однесување
Д-р Рамани зборува дека нарцисоидно лице е оној човек кој покажува недостаток на емпатија, лице кое мисли дека тој или таа треба да добие специјален третман бидејќи самиот или самата таа е посебна, лице кое изразува грандиозност, со нечувствително однесување и стремење кон задоволување на своите каприци. Овие луѓе се преокупирани со површни вредности, на пример, нив им е важно како изгледаат, колку скапа облека носат, каков автомобил возат, колку згоден партнер имаат… Покрај ова тие константно бараат некаков тип на валидација. Тие постојано чувствуваат потреба да добиваат пофалби, комплименти, лајкови на социјалните мрежи. Ваквите лица знаат да покажуваат и многу лутина и агресивност кога нешто не е според нивна замисла или кога нивното его е повредено. Ова се случува бидејќи се несигурни во себе и не знаат како на здрав начин да се справат со своите емоции, па најчесто кога нешто не им оди по план, може да имаат напади на бес, што се разбира, многу им штети на луѓето околу нив. Знаат да бидат и многу арогантни без да имаат обѕир за другите, да ги девалвираат другите или да им наштетуваат без грижа на совест, бидејќи сметаат дека се подобри од сите околу нив.
Д-р Рамани зборува и за различни видови на нарцисоидно однесување. Класичен грандиозен нарцис е оној кој типично се однесува надмено, ги има претходно споменатите карактеристики и постојано ужива да докажува дека е „над другите“. Малиген тип на нарцисоидност е кога таквата личност се впушта во многу лоши постапки, дури некогаш и во нелегални активности (на пример перење пари, лажење, крадење, изневерување), со многу малку грижа на совест или без воопшто да почуствува вина поради остварување на некаква цел која вклучува престиж. Трет тип е т.н. прикриен нарцис. Таквите личности често може да изгледаат многу тажно и депресивно, бидејќи постојано се чувствуваат како жртви и како целиот свет да е против нив. Според нивното мислење, тие се супер, тие се паметни, способни, но никој не ги разбира, а постојано е нечија туѓа вина за се лошо што им се случува. Ова може да наликува на депресија и затоа е многу важно да се разликуваат двете состојби преку едукација и долгорочно следење на однесувањето на личноста, која во суштина е сепак грандиозна. Последниот тип на нарцисоидно однесување е кога некоја личност навидум постојано прави добри дела, но не од алтруистички побуди, туку поради потребата постојано да биде перцепирана како херој. Таквата личност често нема ни да направи добро дело, доколку нема начин да се пофали дека го направила. (Зарем ова не нè потсетува на филантропијата од страна на оние кои имаат милиони на нивните сметки?) Д-р Дурвасула исто така зборува и за разликата меѓу нарцисоидно однесување, кое е многу честа појава и нарцисоидно растројство на личноста. За второто се работи кога лицето кое ги има горенаведените карактеристики, паралелно искусува негативни ефекти во секојдневниот живот поради нив, најчесто во односите со други. Овие луѓе имаат потешкотии во сите области, па така релациите со другите, работата, секојдневниот живот, можат да бидат афектирани од нивната состојба. Негативното влијание не е само врз нив самите, туку се пренесува и на тие околу нив, со оглед дека другите се постојано афектирани од тешкиот однос со нарцисоидната личност. Тоа е поразлично од личност која е само карактерно нарцисоидна и не искусува потешкотии поради таа карактерна особина. На таквите луѓе може дури и да им годи што се такви, бидејќи добиваат некаква надворешна гратификација, односно таквото однесување функционира за нив.
Улогата на системот и културата
Денес постојат социјални мрежи кои поттикнуваат натпревар за социјален статус и приватни компании кои поттикнуваат натпревар помеѓу вработените. Инфлацијата и падот на животниот стандард ја разгорува борбата за егзистенција, јазот помеѓу сиромашните и богатите секојдневно се зголемува. Покрај ова, во последните години сме сведоци на еден индвидуалистички наратив, кој ги заведува умовите на луѓето, а особено на помладата популација – наративот дека ти можеш да постигнеш сè во животот само доколку одлучиш да го посветиш целото свое време на работата и на личното подобрување. Таквиот наратив не ги зема во предвид системското угнетување, генерациската сиромаштија на ниските слоеви на општеството, недостапноста на некои луѓе на образование и здравствени услуги и општо нискиот стандард на живот кој ги држи тие луѓе во канџите на бедата. Понатаму, не се земаат во предвид ниту фактори како непотизмот, расизмот, сексизмот, патријархатот, културата и религијата, психофизичката состојба на личноста или тие околу неа, како и случајните настани во животот од типот на некакви несреќи, непогоди, болест и сл. Таквиот наратив е еден од неколкуте фактори поттикнувачи на нарцисоидното однесување. Пример, ако јас сметам дека сум подобра од сите, а случајно сите услови во мојот живот (пари, здравје, убавина, социјална положба итн.) за некаков арбитрарен успех ми се задоволени, јас многу едноставно можам целиот успех да го препишам само на моите способности и да ја величам сопствената вредност, сокривајќи ги сите предности кои стартно сум ги имала во картите кои животот ми ги доделил. Факт е дека денес живееме во крајно материјалистичко и консумеристичко општество. Големите компании имаат корист во тоа од нас да создадат верни консументи кои ќе им носат профит, купувајќи работи кои не секогаш ни се нужно потребни. А зошто често купуваме предмети и искуства од кои немаме објективна потреба? Поради две други потреби: социјално прифаќање за да бидеме дел од толпата како превенција од отфрленост (ова може да се препише и како биолошка потреба поради преживување или психолошка потреба за благосостојба) и потребата за социјална споредба со другиот до нас (потреба која според мене, во голем дел е резултат на капитализмот). Овие две потреби во голема мера ги задоволуваме преку социјалните мрежи, кои не само што се идеално место за нарцисоидната личност да покаже колку добро тело има, колку многу пари има, каде патувала, во кој ресторан била, каков автомобил си купила, што постигнала и слично, туку на некој начин суптилно не поттикнуваат сите да присвоиме некое нарцисоидно однесување преку споделување на нашето секојдневие на социјалните мрежи очекувајќи валидација од другите за возврат. Би сакала да потенцирам дека доколку ни се допаѓаат одредени работи, на пример многу сакаме мода или уживаме во возење автомобили или пак навистина уживаме во користењето на социјалните медиуми поради одредена причина, не значи дека ние по секоја цена сме нарцисоидни. Потребно е да се имаат претходнонаведените карактеристики, кои д-р Рамани ги смета за клучни кај нарцисоидната личност.
Се забележува дека борбата за егзистенција во денешниот систем, полека наметнува одредени вредности меѓу луѓето, кои би ги нарекла тажни и сурови. Па така децата се воспитуваат дека треба да „гледаат само за себе“, а емпатијата полека се губи меѓу луѓето. Зошто да му помагаш на другиот, кога неговата состојба не те засегнува тебе, а во исто време и ти самиот всушност се бориш да преживееш? А и зошто да му помагаш на другиот, кога според бајката која ја раскажал некој милионер за неговиот пат до успехот, оваа личност самата е виновна што е во таква сосојба? Не е крив системот кој не се грижи за достоинствен живот на сите туку само на високата класа, крив е сиромавиот човек кој останал без покрив на главата и поради неможност да се справи со својата реалност, можеби и станал зависник. Системот узурпира многу аспекти од нашето постоење, меѓу кои и здружувањето, солидарноста и колективизмот и врши нивна замена со воздигнувањето на индивидуализмот, што прави огромна штета која допрва ќе излегува на површина. Тоа ме потсетува на поговорката “Раздели, па владеј.”
Посебно е тешко кога сме принудени на блиска интеракција со нарцисоидната личност, која можеби е дел од нашата фамилија или ја сретнуваме на работното место. А уште поголем степен на тешкотија, е доколку таа личност ни е надредена на работа или од неа зависиме на некаков друг начин. Нарцисоидниот шеф е кошмар за вработените, а тажната реалност на капитализмот е дека бизнисите нема да се ослободат од ваквите личности само поради нивното влијание врз менталното здравје на останатите вработени. Ваквите личности поради нивната висока амбиција и подготвеноста да употребат дури и неетички средства за да стигнат до целта, често ѝ носат многу пари на компанијата. Поради желбата за престиж, нарцисоидните лица често може да се најдат на работни места со висока улога во општеството. Па така тие често можат да бидат политичари, сопственици на големи корпорации, доктори, адвокати, јавни личности и слично, со желба за идолопоклонство спрема нив. Се разбира, ова не значи дека секој кој се занимава со овие професии е нарцис.
Д-р Рамани во едно нејзино интервју кажува дека нарцисоидноста е „тема на нашето време“. Таа исто така кажува дека доколку некој сака да прочита книга со препораки за успех во денешниот капиталистички систем, може едноставно да прочита книга за нарцисоидност. Оние кои им нашетуваат на други луѓе за личен профит, ги сметаме за успешни и сакаме да го следиме нивниот пример. Нив ги нарекуваме „остварени бизнисмени“. На оние кои се желни за внимание и би направиле се за да истото да го добијат, ќе им дадеме лични ТВ-шоуа и сите ќе се забавуваме додека го следиме нивниот „скандалозен живот“ и нивно впуштање во хедонистичко однесување. Ќе креираме се повеќе филмови во кои се глорифицира ликот на моќен богат маж, а неговото однесување ќе биде секогаш рационализирано на некаков начин. На крајот повторно тој ќе ја добие девојката, како во „Педесет нијанси на сиво“, а милиони млади девојки низ светот ќе го романтизираат таквото однесување и ќе фантазираат еден ден да бидат партнерки на таков маж. Силната успешна самостојна жена која е на висока функција во некоја корпорација е поим за феминизам, без воопшто да е важно што таа е подеднаков експлоататор со нејзиниот машки колега, а таквата идеологија е испревртен неолиберален продукт кој во суштина го злоупотребува поимот феминизам. Д-р Рамани потенцира дека најголем процент на ваквите луѓе се меѓу редовите на политичарите и капиталистите насекаде низ светот. Па како сакаме да имаме поинакво општество, кога луѓето кои раководат со сегашното, се алчни и желни за моќ?
Што можеме да направиме?
Реалноста е дека веќе етаблирана нарцисоидната личност е тешко да се промени. Напредок во нивното однесување може да има некогаш преку психотерапија, но и тој напредок е многу минимален. Многу луѓе немаат избор да ги напуштат врските со вакви луѓе, бидејќи тие можеби им се дел од фамилијата, со нив имаат деца или не се самостојно финансиски моќни, се сретнуваат со нарцисот на работното место и сл. Ние не смееме да осудуваме некоја личност доколку одлучи да остане во таквата врска а од најмала корист би било на нарцисот да му кажеме во лице дека е нарцис. Тоа никогаш нема да резултира со вразумување на личноста, туку само со дополнителен конфликт. Д-р Рамани нуди препораки за справување со ваквите личности и предупредува дека многу често нарцисот сепак ќе излезе како победник. Наша улога во превенција на ваквото однесување е ширење на едукација од најмала возраст околу важноста на емпатијата. Исто така, нужно е согледување на влијанието и критика на капиталистичкиот систем. Ние треба да создаваме колективни вредности според кои ќе живееме, вредности кои не треба да се поклопуваат со оние кои ги нуди капитализмот и истите да ги промовираме или репродуцираме. Треба да се трудиме нашата внатрешна вредност да ја регулираме базирано на нашите позитивни карактерни особини и да се трудиме да сме чинители во општеството кои ќе придонесат за колективно добро. Круцијално е да ги споделуваме овие идеи со другите, да вршиме меѓусебна едукација и да ги преземаме сите активности кои се во наша можност за борба против системот кој нè отуѓува.
Сакам да порачам дека не смееме да ги глорифицираме вазалите кои се на одлучувачки позиции во политиката, бидејќи тие му служат исклучиво на крупниот капитал, да размислуваме на кои луѓе одлучуваме да им се восхитуваме, од кои луѓе одлучуваме да учиме, а како работници да не заборавиме на важноста на синдикализмот и работничко здружување и потребата од континуирана борба за работнички права. Мора да целиме кон создавање на општество без класни разлики, општество во кое ќе имаме партиципативна демократија во вистинска смисла на зборот, општество во кое сечии потреби меѓу кои и основните услови за живот ќе бидат задоволени, општество во кое нема да постои дискриминација по било кој основ и општество во кое науката, образованието и културата ќе се издигнат на едно високо ниво. Во таквиот систем во голема мера ќе исчезне појавата на вакви растројства, а фокусот би бил насочен кон превенција на болестите без разлика дали психички или физички, наместо само нивно лекување, кое со себе носи поголем финансиски товар. Во таквиот систем позитивната општествена околина ќе влијае позитивно и врз менталното здравје на граѓаните, што само по себе ќе создава здрави генерации. Генерации кои ќе може активно да придонесуваат кон добробитието на сите, а самата работа која е соодветно вреднувана го прави човекот горд и среќен. Заклучокот укажува дека системот е проблемот кој во најголема мера преципитира нарцисоидно однесување, бидејќи родителите кои создале такво дете и самите се жртви на плиткоста на денешните неолиберални и конзервативни вредности. Според тоа, секоја наша активност која води кон рушење на овој систем, води кон подобрување на психичко здравје за сите, а меѓудругото се разбира и намалување на преваленцата на луѓе со нарцисоидно однесување и нарцисоидно растројство на личноста.
Симона Наумоска