Пред скоро време, функционерите од законодавната и извршната власт, се заблагодарија на своите колеги од судската власт (уставните судии) со чија одлука преку ноќ им се зголеми платата за 78%. Претходно, цела година синдикатите и владата преговараа за зголемување на минималнaта плата од „цели“ 2000 денари.
За целокупната социо-економска состојба, сепак не е од значење само дискрeпантната разлика меѓу функционерските и работничките плати. Од значење е и примената на законите. Законите имаат недоречености и дупки и во другите сфери, но наместо експресно решавање на состојбите, истите доведуваат до заглавување во бирократски лавиринти, кои го немаат ниту она светло на крајот од тунелот. Најчесто, ова се случува зо Законите и подзаконските акти кои се однесуваат на социјалната сфера, каде луѓе во крајна нужда со години чекаат на некои минимални издатоци кои зависат токму од волјата на оние, кои си ги зголемија сопствените плати, повикувајќи се на тоа дека „законот е закон и мора да се почитува“. Додека пак, кога станува збор за работниците и обичниот народ, истите тие си ја префрлаат вината едни на други, поднесуваат амандмани, бојкотираат процеси и прават разно разни циркузантски работи, со цел наше замајување.
Како и обично реакција од народот немаше, освен бледи написи по социјалните мрежи, се друго стивна. Нашето молчење како чинители на работничката класа, доведе до уште еден удар од нивна страна. Така, користејќи го механизмот на европско знаменце, тие, истите неработници и цицачи на народната крв, продолжија каде што застанаа, т.е удрија на нашето слободно време, ги поставија темелите за зголемување на неделното работно време, кое и така е подолго од 40 часа неделно. Јасно е се, нема потреба од анализи, истражувања, повикување на разумност. Нештата треба да ги кажеме како што се, без да се криеме позади политичката коректност. Тие си ги зголемија платите, а нас ни го зголемија работното време.
Пред 137 години работниците со борба се изборија за 8 часовен работен ден, а каде сме ние денес? Во услови на зголемена продуктивност на трудот и развој на технологија, кога не убедуваа дека ќе работиме помалку, тие изгласаа подолга работна недела.
Како живееме ние?
Работиме за физички да се одржиме во живот, со единствениот начин – продажбата на нашиот труд. Велат, колку повеќе и подолго го продаваме нашиот труд, толку подобро и поубаво ќе живееме. Ни’ велат, „работи повеќе за да имаш повеќе“. Лицемерно ги нудат сите т.н поволности на високо платените работни позиции. Законско плаќање на прекувремената работа… Сепак, колку чини нашиот труд? Нашиот труд и натаму чини онолку колку што чинат средствата за наше одржување во живот и одгледување на нови генерации на работници кои исто така ќа бидат експлоатирани од капиталистичката класа. Дури и да добијат повисоки плати оние работници кои ќе работат по 60 часа неделно, колу чини таа плата што ти го одзема слободното време, неретко и здравјето, те претвара во роб, кој во малкуте саати кога не е на работа чувствува само замор и празнина… Зарем може некој да живее поубаво ако 60 часа неделно е на работа? Кога ќе живее? Што капиталистите подразбираат под живеење за оние кои ги сметаат за ресурс?
Додека ние со нашиот труд го зголемуваме нивниот капитал, кој понатаму не експлоатира, тие живеат во луксуз, а нашата благосостојба, за нас останува како убава фантазија и далечна желба.
Ќе ви кажат тие, дека нашата благосотојба им е врвен приоритет. Ќе се сетат на нас, неколку месеци пред избори, ветувајќи брда и долини, почитување на нашите права, зголемување на платите, подобрување на условите за работа и живот, но ќе не излажат повторно. Затоа што нивниот приоритет е максимизацијата на профитот, а профитот не може да се максимализира, преку благосостојбата на работниците.
Со изгласување на законските измени кои ја отворија нашироко вратата за подолга работна недела во речиси сите сектори, ставајќи го под ризик здравјето на работниците и отварањето на пракса за ова промена да се прошири и во другите сектори, на сметка на профитот, власта покажа дека е најбитниот столб во одржувањето на капиталистичкиот систем, а дека законите единство се волјата на владеачката класа, преточена во Закон.
На удар сме сите, сите ние кои опстојуваме додека можеме да го продаваме нашиот труд. Затоа и одговорот треба да биде заеднички. Да се спротиставиме на ова безобразие и омаловажување. Народот обединет, нема да е победен.
Џејлан Велиу