Вовед

На крајот на 20-тиот век заврши реставрацијата на капитализмот во Македонија. Поставен врз рушевините кои ги остави транзицијата, капитализмот ја истакна на површина владејачката елита која ја сочинуваат газдите-милионери, партиските лидери и високото раководство на водечките партии. Севкупно, во оваа фаза, владејачката елита се прошируваше преку приватни бизниси врз јавни простори, преку забрзаното преземање на преостанатите поранешни самоуправни или државни субјекти, преку сфери на влијание на избрани и именувани лица на високи извршни позиции. Владејачката класа во овој период беше компактна, зошто, едноставно кажано – „имаше плен за сите“.

Во првите две децении, капитализмот се развиваше исклучиво во интерес на капиталистите и партиските функционери, но зад завесите, плен снемуваше, а апетитите растеа. Откако веќе државниот имот беше искраден, недостасуваше финансиски капитал. Домашниот пазар се отвори кон странските корпорации, фамозните директни инвестиции ја најдоа својата идеална бизнис клима. Започна периодот на енормно зголемување на надворешниот долг, неопходната инјекција за домашната економија поставена врз најниски даноци во Европа. Партиските функционери сфатија дека заврши периодот на наизменичното менување на власта, а локалната буржоазија сфати дека мора да избере партиска страна затоа што „нема да има плен за сите“.

Тоа што го добија работниците беше безмилосна експлоатација која властите им ја понудија и на странските капиталисти, заедно со сите даночни олеснувања. На овој начин се намали невработеноста, платите номинално трократно пораснаа во последните 15 години, работниците наместо безработица – наидоа на мобилност на „пазарот на труд“, добија полесен пристап до минусни плати и кредити. Но тие добро знаат дека воопшто не порасна нивниот животен стандард и пристапот до домување, тие немаат никаква доверба во здраствениот, образовниот, правосудниот и економскиот систем.

 

Двете фази на капитализмот и парламентаризмот во Македонија

Ако од економската подлога на новата ера на капитализмот во Македонија, се префрлиме на неговата политичка подлога, тогаш досегашните три децении би ги поделиле на:

Прва фаза создавање и консолидација на владејачката елита и

Втора фаза крај на наизменичната смена на власта и почеток на концептот на еднодецениско владеење.

Во првата фаза се одржуваше во кондиција вербата на гласачкото тело (работниците) во парламентаризмот. Дека капитализмот со човечки лик ќе се појави, дека транзицијата кон западноевропскиот капитализам сеуште не е завршена. Оттаму бевме сведоци на смена на власта речиси на секои четири години, додека бизнис елитата ја имаше комоцијата да ги финансира изборните кампањи на спротиставените политички актери. Првата фаза го означи крајот на „златната ера“ на македонскиот плурализам.

Поради снемувањето на пленот, втората фаза ја подели и капиталистичката класа чии табори започнаа битка до истребување. Во оваа фаза делумно фер кампањите и мирното предавање на власта – заврши! Доволно е да се потсетиме на 2015 година и прислушкуваните разговори што ги пушташе тогашната опозиција, и доволно е да се потсетиме на  27 април 2017 кога тогашната власт го дозволи крвавиот упад во Собранието за време на одржувањето на конститутивната седница.

 

Прогласувањето на изборите за судбоносни

Ако воопшто имало судбоносни избори во Македонија, тоа беа првите парламентарни избори одржани 1990 година кога работниците масовно гласаа за политички партии со отворени националистички и прокапиталистички тенденции.

Како и претходните, така и овогодинешните претседателски и парламентарни избори, се претставени како прашање на бидувањето или небидувањето, но и покрај тоа буржоаските партии повторно немаат ништо ново што да понудат во нивните политички програми и стратегии. Овие избори, како и сите претходни – се судбоносни пред се за политичките актери.

Бидејќи политичката сцена во Македонија е поделена на албански и македонски блок и генерално се состои од етнички монолитни партии, мораме во овој Став да се осврниме посебно на двата блока.

Освен двата етнички блока постојат и три основни критериуми за генерална поделба на политичките струи, а тоа се: да се биде за влез на Македонија во ЕУ по секоја цена и со тоа најмакедонец; да се биде прво идентитетот после ЕУ, а со тоа најмакедонец; да се биде најалбанец во Македонија;

Табор: да се биде за влез на Македонија во ЕУ по секоја цена и со тоа најмакедонец

Политичките партии од овој табор и нивните коалиции се натпреваруваат врз критериумот на тоа „кој е поголем европеец или кој е повеќе за ЕУ“, притоа обвинувајќи се меѓусебе за помалку европејство. Ваквиот однос на политичките актери се должи на безидејноста и неспособноста да понудат остварлива и одржлива алтернатива која задира директно во економскиот систем. Оттаму, испробано е ветувањето за влез во ЕУ, кое се доживува како „влез на Алиса во земјата на чудата“, бидејќи се очекува дека на чуден и брз начин влезот во ЕУ ќе ја зајакне економијата и животниот стандард, ќе ги „среди“ здравството и образованието, ќе ја заштити животната средина и ќе се решат сите други недостатоци на државата и општеството. Но, кој ќе ги спроведе сите овие реформи!? Истите оние политичари и капиталити кои всушност се винови за оваа состојба!? Во дадениот капиталистички систем!? Оттаму е јасно дека „влезот на Македонија во ЕУ“ е давеничката сламка за која се фатени голем број на политички партии.

Табор: Прво идентитетот, после ЕУ, а со тоа најмакедонец

Политичките партии од овој табор се натпреваруваат врз критериумот кој се поголеми чувари на идентитетот, притоа обвинувајќи се меѓу себе за шурувања со власта и предавство на идеалите.
Таборот „прво идентитетот, после ЕУ“, пропагандно се служи со жалопојки за некогашниот убав и достоинствен живот на македонецот пред да му биде одземен идентитетот со уставните измени. Достоинството на човекот станало достоинство на македонецот. Оттаму социјалното прашање станало второстепено прашање, поради што и не е за чудење што не се нуди остварлива и одржлива алтернатива која задира директно во економскиот систем. „Алиса во земјата на чудата“ за овој табор е влез во ЕУ низ иглени уши, а во меѓувреме, преку пониски даноци од најниските во Европа, преку повеќе капитализам, технократски, ефикасен, ќе се зајакне економијата, ќе се „среди“ здравството и образованието, ќе се заштити животната средина и ќе се решат сите други недостатоци на државата и општеството. Тогаш ЕУ ќе ги моли македонците да влезат во европското семејство под кое име и семеен грб сакаат.

Табор: да се биде најалбанец во Македонија

Во овој табор основната дебата се состои, од една страна во докажување кој е „најалбанецот“ и кој ќе ги брани „најалбански“ правата и достоинството на албанците во Македонија, а од друга страна во „истрага“ кој е предавникот и соработникот со непријателите на албанците во Македонија и балканот. За нереализираните предизборни ветувања (во кои спаѓаат и тие за решавање на основните инфраструктурни потреби на граѓаните), со леснотија се обвинува политичкиот противник, иако сите политички партии од овој табор, во последните 5 години, беа дел од централната или локална власт.

 

Илузиите на капитализмот се сведени на неговите мотори – национализмот и шовинизмот

Иако ретки се субјектите кои се отворено национал-шовинистички, сепак не постои политичка партија која не го користи национализмот како најсигурен сојузник за придобивање глас повеќе. Притоа, како што објаснивме погоре, национализмот добива различни (по потреба) дефиници. Од она што го гледаме и слушаме во изминатите 30 години, национализмот на Балканот е опиум за народот – можеби  посилен и од религијата. Но кога се во прашање бизнис интересите и тендерските распределби, истите тие политичари националисти, стануваат најдобри соработници со својот „архе-непријател“ од спротивна етничка припадност.

Состојбата на работничката класа особено е тешка во предизборните периоди, како од аспект на клиентелистичките очекувања за вработување на едните, наспроти стравот од губење на работните места на другите и другите турбуленции кои ги носат изборните процеси. Жалосна е состојбата на работничката класа која е разнесувана по митинзи во различни градови на државата, чие што достоинство се прегазува секојдневно во сите сфери на општественото живеење!

 

Да се гласа или да не се гласа?

Иако во последните пет години висеше цензусот (излезност на изборите се движеше меѓу 45% – 55%), сепак сосема исправен е заклучокот дека работниците во Македонија сѐ уште веруваат во капиталистичката парламентарна демократија.

Во пресрет на претседателските и парламентарните избори кои треба да се одржат во последната недела на април и првата недела на мај оваа година, работниците немаат своја социјалистичка партија – кадровски екипирана со сериозна програма за да ѝ го дадат гласот. Таква партија одвнатре беше разорена на почетокот на 2019 година, а правосилно/извршно судски погребана на почетокот на 2020 година.

Четири години подоцна, сметаме дека не е задача на социјалистите во Македонија да ја перпетуираат плитката анархистичка критика на парламентаризмот, која го спори самиот концепт на општото избирачко право и избирањето претставници во претставнички тела. Оттаму сметаме дека во повикот за бојкот на изборите нема ништо револуционерно, како што сметаме и натаму дека во услови на оддалеченост од посакуваната револуционерна состојба, буржоаскиот парламентаризам како говорница за ширење на социјалистичките идеи и решенија за општеството – и натаму може да се користи.

Но и натаму една од приоритетните задачи на социјалистите, како во Македонија, така и во светот, е да ја оживеат марксистичката критика на парламентаризмот. ПРОТИВ буржоаскиот парламентаризам кога народот избира на четири години кој член на владејачката класа ќе го претставува и потиска. ЗА општо избирачко право за избор на претставници во работники совети и делегати во Собрание. Комунистите на капиталистичката демократија ја спротиставуваат работничката демократија.

Како што анализараше Маркс: „Наместо еднаш во три или шест години да се решава кој член од владејачката класа ќе го претставува и потиска народот во парламентот, наместо тоа, општото избирачко право треба да му служи на народот, организиран во комуни, за да си избира тој за своето претпријатие работници, надзорници и книговодители, како што индивидуалното избирачко право му служи за таа цел на секој друг работодавец”

Како што дополни Ленин: „Излезот од парламентаризмот, секако, не е во уништувањето на претставничките установи и на изборноста, но во претворувањето на претставничките установи од говорници во „работни установи“.