Економската криза која беше на повидок, веќе не е далечна помисла, таа е реалност со која се соочуваат илјадници работници од јавниот и приватниот сектор. Зголемувањето на цените на храната, горивата и режиските трошоци, дополнително ги втурнаа работниците во бездната на сиромаштија. Властите пробаа оваа состојба да ја неутрализираат преку зголемувањето на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари.

Сепак, најголем број од работниците нема да ги почувствуваат бенефитите од зголемувањето на износот на минималната плата, без соодветно линеарно или скалесто покачување на платите. Оваа состојба ги раздвижи синдикатите кои очигледно се соочија со лимитите на т.н социјален дијалог, па притиснати од своето членство, одржаа и најавија протести и генерални штрајкови во одделни дејности, кои ги опфаќаат вработените во јавниот сектор.

Состојбата во приватниот сектор не е подобра, иако во моментот нема најави за штрајкови. Причината за тоа е дека најголем дел од  работниците не се ниту синдикално организирани, поради што оневозможен им е отпорот преку протест или генерален штрајк во рамки на нивната дејност.

Ние, социјалистите подолго време предупредувавме за извесната економска криза, предизвикана од низа фактори. Како и во минатото, главниот товаар на кризата веќе паѓа врз грбот на работниците, поради што  постојано, на различни начини укажувавме на потребата од што поскоро работничко самоорганизирање, синдикално активирање и меѓуработничка солидарност. Затоа изразуваме поддршка на пролетното синдикално будење и на сите изблици на синдикален отпор и најавите за генерален штрајк во одделни дејности.

Анализирајќи ги проблемите и барањата на различните синдикални организации, заклучуваме дека проблемите се исти, а барањата, речиси идентични. Досегашната расцепканост на синдикалната борба може да се покаже како пречка за остварувањето на барањата. Оттука, сметаме дека промените може да се случат само преку обединување и масовен отпор на сите работници, без оглед на степенот на нивното синдикално организирање. Во оваа насока, споделуваме листа на досега одржаните и најавени протести и штрајкови, вклучувајќи ги причините, барањата и начините на изразување на синдикалната борба.

 

1. Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) – грански синдикат за образование при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) протестираа на 19 Март.

Причина: Недостаток на социјален дијалог. Загрозен социјално-економски стандард на вработените во секторот образование како резултат на високата стапка на инфлација.

Барање: Усогласување на минималната плата во пресметката за плата согласно колективните договори. Достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование.

Начин: Протестот се одржа пред Владата.

 

2. Гранските синдикати при Конфедерација на слободни синдикати (КСС) протестираа на 30 Март.

Причина: Лошата состојба на вработените во јавниот сектор и незадоволството од платите.

Барање: Скалесто покачување на платите за сите вработени во јавниот сектор.

Начин: Протестот се одржа пред Собранието и пред Владата.

 

3. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) при Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) протестираа на 7 и 8 Април

Причина: Незадоволство од платите на управата и судската администрација.

Барање: Линеарно покачување на платите (зголемување од 2.806 денари за за сите вработени во јавниот сектор).

Начин: Протести се одржаа пред поголемите судови во државата, односно судската администрација одржа дводневен предупредувачки штрајк со напуштање на работните места во периодот од 10 до 12 часот.

 

4. На 11 Април ќе започне генерален штрајк во образованието органзиран од Синдикатот за образование и наука (СОНК).

(*КСС стои позади барањата на СОНК и најавува поддршка на штрајкот со сите ресурси и логистика

*Независниот академски синдикат ги поддржува барањата на СОНК)

Причина: Лошата состојба на вработените во образованието и незадоволството од платите.

Барање: Скалесто покачување на платите за сите вработени во образованието, односно усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, доследно почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори.

Начин: Вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

 

5. Синдикатот на Макаедонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија започнуваат со генерален штрајк на ден 14.04.2022 година

(ССМ дава целосна поддршка на Синдикалните организации на АД „Пошта на Северна Македонија“ во одлуката за започнување на генерален штрајк во АД Пошта).

Причини:

–          загриженоста кај над 2200 вработените за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места;

–          незадоволството од нереализирање на барањето на линерно покачување на нето платите на вработените во висина од 3.000 денари кои не се покачени повеќе од 30 години;

–          супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа , незадоволство на вработените од постоечката систематизација;

–          нереализирање на дел од барањата на вработените и Синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15.10.2021годиина.

Барања:

–          итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработени во износ од 3000 денари согласно барањето од 08.02.2022 год. доставено до Управен одбор;

–          зачувување на работните места;

–          зачувување на иднината на нашата компанијата;

–          обезбедување средства и за редовна исплата на плата;

–          итна санација на објекти, обезбедување стандардни услови за работа, и обезбедување неопходни средства и опрема за работа;

–          итно започнување постапка за нова систематизација со учество на синдикатите во нејзиното изготвување;

–          реализација на сите заклучоци донесени на ден 15.10.2021 година.