Свесни сме дека ревизијата на историјата е започнатата уште кон крајот на 80-тите години од минатиот век, кога национал-романтизмот и национал-шовинизмот кај балканските народи повторно зеде замав. За југословенските народи ваквиот тренд ја создаваше основата за рушење на заедничката држава – Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Самата транзиција од социјалистичко во капиталистичко економско уредување го поттикна симболичкиот ревизионизам на историјата од страна на реставрираната владејачка класа – која сакајќи да ја оправда својата реакционерност со некакво национално помирување – постепено рехабилитираше низа профашистички и отворено фашистички политички лидери и организации, под флоскулата дека „сите се бореле за Независна Македонија“.
Предавањето на национал-романтичарското пијанство за Македонците значеше делумно самооткажување од славното наследство и придобивки на народноослободителната борба, видно од тоа што со невидена леснотија и без никаков отпор, најпрво беше сменето знамето на државата (петокраката со жолти рабови на црвена позадина отстапи пред „ѕвездата од Кутлеш/Вергина), и со иста невидена леснотија и без никаков отпор беше воскреснато историското ВМРО (преку формирањето на неколку политички партии со тој предзнак во текот на 90-тите).
ВМРО е организација која нема никаква врска со Тајната македонска револуционерна организација (ТМРО) основана од Гоце Делчев и Даме Груев во 1893 година. ВМРО е организација која ја започнува својата дејност во 1919 година, преку основоположникот Тодор Александров – ставен целосно во служба на бугарскиот царски двор, за во предвечерието на Втората Светска Војна, неговиот наследник Ванчо Михајлов истата да ја стави во целосна служба на Фашистичка Италија и Нацистичка Германија. Во текот на Втората светска војна македонските партизани многу добро знаеа за каква Македонија, во чиј состав и за какви вредности се залага ова ВМРО на Ванчо Михајлов, нешто што е видно од прогласите на Комунистичката партија на Македонија и Генералштабот на НОВ и ПОМ.
Овој викенд бевме сведоци на нова провокација од страна на бугарскиот државен врв во градот кој даде дури осум народни херои на Југославија – градот Битола. Никој не треба да биде против отворање културен клуб на било која соседна држава, доколку тој клуб не биде именуван по лице или организација со познато злосторничко минато. Во случајот, се работи за очигледна провокација, затоа што отворање културен центар со името на еден од најреакционерните историски ликови не им служи на добрососедските односи меѓу двата народа. Напротив, културниот центар кој го носи името на човек кој до самата своја смрт не се откажа од своите негаторски, хегемонистички и фашистички ставови спрема Македонија и народноослободителната борба (НОБ) ќе придонесе само за продлабочување на омразата која подолго време се разгорува меѓу македониците и бугарите.
Балканските народи немаат перспектива се додека дозволуваат да бидат заведувани од своите реакционерни политички партии или влади. Дополнително, се повеќе како илузорна се покажува надежта во Европската Унија по ова прашање. Освен повиците да се најде „заемно прифатливо решение за историските прашања“ – ЕУ не презема ништо во насока да се зауздаат националистичките и ревизионистички аспирации на балканските земји – едни кон други.
Ние социјалистите немаме илузии. Го осудуваме национал-шовинизмот од секоја страна и го осудуваме молкот пред глорификувањето на нацистичките сојузници и колаборатори.
Само обединет Балкан под знамето на социјалистичката револуција е решение за траен мир и прогрес без крвопролевање и омраза меѓу балканските народи.