За првомајските демонстрации во Солун, заедно марширавме со нашите грчки другари, но и се едуциравме под водство на другарот Панајотис од Комунистичко ослободување. Членови на Социјалистичка зора преку целодневна историско-едукативна прошетка се запознаа со револуционерното минато на Солун. Па да почнеме со ред…
1903 Балкански „11 Септември“ - Серија бомбашки напади во Солун
Гемиџиите, млади револуционери, претежно образовани во бугарската машка гимназија во Солун, под влијание на анархизмот и Македонското револуционерно движење, во секоја смисла го потресле Солун и целата Османлиска империја во најголемите (по обем и последици) бомбашки (терористички) напади на Балканот воопшто.
Нивната цел била да го привлечат европското внимание кон Македонија, да предизвикаат меѓународна солидарност, но и надворешна интервенција. Нападите вклучувале:
Разнесување на францускиот брод Гвадалкивир; Саботирање на железничката пруга кон Истанбул; Пресекување на електричната енергија и водоводните системи во градот; Бомбардирање на филијалата на Отоманската банка; Експлозии на јавни места како што е театарот Алхамбра.
Најпознатиот бомбашки напад бил тој на Отоманската банка. Гемиџиите изнајмиле бакалница во близина на банката со цел од внатрешноста на продавницата, да ископаат тунел под земја кон темелите на банката. Тунелот бил рачно копан во текот на неколку недели во кои паралелно се одвивала операција на таен транспорт на експлозиви во густо населениот урбан округ на банката. Во строгиот центар на Солун се наоѓа поранешната зграда на Отоманската Банка, реставрирана, односно го има речиси истиот изглед како пред 120 години.
Доцна ноќта на 29 април 1903 година, одекнале експлозии кои сериозно ја оштетиле зградата на Отоманската банка и предизвикале паника низ целиот град. Целосно биле нарушени комуникациите и транспортот. Се смета дека бомбашките напади на Гемиџиите помогнале да се сврти меѓународното внимание кон Македонија само неколку месеци пред Илинденското востание.
1908 Младотурска револуција
Солун бил политичкиот епицентар на Младотурската револуција, организирана главно од офицери и интелектуалци на Комитетот за единство и напредок. Реформистички настроени отомански офицери кои служеа во Македонија биле стационирани таму, каде се поврзувале и работеле релативно послободно во споредба со Истанбул. Комитетот имал силни подземни ќелии во Солун, а неколку водечки младотурци живееле или работеле токму таму.
Грчкото население првично ги поздрави уставните реформи. Еврејската заедница во Солун била особено вклучена. Членови на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ја поддржале револуцијата како пат кон поголема политичка автономија и граѓански права во Македонија. Јане Сандански бил меѓу говорниците на револуционерните собири на Плоштадот на ослободувањето. Револуцијата донесе устав и парламент, создавајќи голем оптимизам. Јавните прослави вклучувале различни етнички и религиозни заедници кои марширале заедно под слогани за слобода, еднаквост, братство и правда.
Сепак, оваа соработка се покажа како привремена. Национализмот се засили, недовербата меѓу заедниците се врати, а Комитетот сè повеќе усвојуваше централизирачки и турски националистички политики. Во Македонија, соперничките национални движења го продолжија натпреварувањето, забрзувајќи ги Балканските војни неполни 4 години подоцна (1912-1913).
1936 Споменик во спомен на крвавиот штрајк на тутунарите
Oд крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години, газдите ги користеа бегалците од Мала Азија за да ги намалат платите на работниците, невработеноста се зголеми, во сиромаштија западнаа огромни слоеви на населението. Падот на светската економија од 1929 година, кој почна да влијае на Грција ги влоши работите уште повеќе. Штрајковите од големи размери постепено добија карактеристики на народни бунтови. Центарот на бунтот беше Солун, каде што избувнаа штрајкови во различни сектори. На 29 април 1936 година, тутунските работници прогласија штрајк барајќи, меѓу другото, воспоставување осумчасовен работен ден и подобри плати. Нивните мобилизации создадоа бран на солидарност низ цела Грција. До 1 мај 1936 година, штрајковите се проширија и во други градови во Грција.
На 8 мај 1936 година, штрајкот и митингот на тутунските работници во Солун беа без преседан со учество на илјадници работници. На 9 мај, Општата конфедерација на грчки работници прогласи 24-часовен штрајк. Митингот во Солун се претвори во масовно востание против политичкиот естаблишмент, додека владата го трансформираше градот во воен камп. Полицијата, потпомогната од војската, која беше испратена во коњички сили и моторизирана единица, се спротистави на масовниот штрајк отворајќи оган врз демонстрантите, оставајќи 12 мртви и 32 тешко повредени демонстранти.
Смртоносните напади не можеа да ги спречат демонстрациите, додека голем број војници одбија да пукаат и им се придружија на работниците. Слоганот „Долу фашизмот“ се прошири низ градот. Следниот ден, на погребите на работниците присуствуваа повеќе од 200.000 луѓе (во град со половина милион луѓе во тоа време). Вооружените сили, кои се истоварија на пристаништето во Солун, се обидоа да воспостават ред и мир во градот. Луѓето демонстрираа пред полициските станици, барајќи казна за убијците и заканувајќи се дека ќе ги линчуваат оние што го водеа масакрот врз работниците. По наредба на командантот на Армискиот корпус, жандармите беа ограничени во полициските станици. Всушност, тие беа опкружени од гневот на народот, кој се најде себе си 36 часа господар на градот, бидејќи буржоаската држава не можеше да ја спроведе својата власт.
Востанието во Солун го разгоре работничкото движење во Грција. Штрајкот во Солун заврши на 11 мај 1936, откако беа задоволени барањата на штрајкувачите. На 13 мај се одржа уште еден национален штрајк со барање за државен систем на пензии и здравствено осигурување. Под притисок на штрајковите, владата лицемерно изјави дека сите барања на работниците ќе бидат задоволени – нешто што никогаш не се случи. Грчката буржоазија, кралското семејство и нивните империјалистички соработници имаа различни планови. Бруталноста на полицијата за време на штрајкот остана легендарна, откривајќи ги средствата што либералната држава е подготвена да ги користи за да остане на власт.
1943 Споменик на Еврејската заедница во Солун
На почетокот на 20-от век, Солун беше еден од најголемите градови во светот по бројот на еврејско население. Евреите сочинувале голем дел од тутунските и текстилни работници, занаетчии, железнички и пристанишни работници. Оттаму, еврејската заедница претежно со симпатии гледала на социјалистичките идеи и политика. Индустријализацијата, лошите услови за работа и космополитскиот карактер на отоманското пристаниште создале плодна почва за организирање на работничката класа. Од тоа време се истакнува Авраам Бенароја, евреин социјалист, кој во Солун пристигна од Софија, после Младотурската револуција од 1908 година.
Во 1909 година тој помогнал во основањето на Федерацијата на социјалисти работници (Federación Socialista Laboradera, понатаму: „Федерацијата“), политичка организација препознатлива по нејзината мултиетничка и повеќејазична структура. Федерацијата, била влијателна и после периодот 1912 – 1918, кога помогнала во основањето на Социјалистичката работничка партија на Грција (подоцна Комунистичка партија на Грција). Затоа, Авраам Бенароја се смета и за еден од основачите на грчкото социјалистичко и комунистичко движење.
Уништувањето на еврејската заедница за време на Холокаустот ги избришала еврејските маала и традиција во Солун. Нацистичката депортација на Евреите од Солун во Аушвиц 1943, ја уништила општествената основа на еврејската работничка култура, заслужна за космополитскиот карактер на градот во цела прва половина на 20-от век.
1944 ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СОЛУН – Парада на борците на ЕЛАС
На 30 октомври 1944 година, Солун беше ослободен од нацистичката окупација од страна на силите на Грчката народноослободителна армија (ЕЛАС), воената гранка на движењето на отпорот на ЕАМ. По повеќе од три години окупација, глад, депортации и репресија, градот избувна во прослава кога единиците на ЕЛАС излегоа на улиците.
Парадата на борците на ЕЛАС низ центарот на Солун стана една од дефинирачките слики за ослободувањето на градот. Толпите ги исполнија улиците како што е плоштадот Света Софија, мавтајќи со грчки знамиња, фрлајќи цвеќиња на борците на отпорот.
И покрај претходниот Договор од Казерта [меѓу ЕАМ/ККЕ и грчките ројалистички сили/Британци], кој ги стави грчките сили на отпорот номинално под британска команда, командантите на ЕЛАС се преселија во Солун пред да пристигнат британските трупи, осигурувајќи дека градот ќе биде ослободен директно од грчките сили на отпорот. „Лаократија“ (грчки: Λαοκρατία – народна власт) во Солун накратко доминираше во локалниот политички и општествен живот. Локалните комитети, синдикатите и мрежите на отпор привремено вршеа силно влијание врз администрацијата и јавниот живот. „Лаократија“ ја претставуваше народната демократија и социјалната правда.
1963 Споменик - атентатот на Григориос Ламбракис.
Граѓанската војна во Грција заврши со пораз на комунистичките сили. Антикомунизмот стана основна доктрина на војската, полицијата, разузнавачките служби и монархијата. Заедно со формалната влада постоеја мрежи на крајно десничарски милитанти, информатори и други групи поврзани со службите и полицијата. Стравот од комунистичко влијание ја обликуваше внатрешната политика во Грција.
Григориос Ламбракис бил лекар од Солун, познат олимписки спортист во Грција и пошироко, како и независен пратеник, поврзан со ЕДА (Обединета демократска левица – широк изборен сојуз на нелегалната ККЕ). На 22 Мај 1963 година, тој зборувал на мировен собир во Солун. Откако ја напуштил салата – бил удрен од мотор трицикл, а еден од напаѓачите го удрил со палка по главата. Григориос Ламбракис починал од смртоносните повреди, пет дена после нападот.
Истрагата открила јасна поврзаност на напаѓачите со организации на крајната десница, полициски службеници и членови на безбедносните служби. За граѓаните на Солун и Грција, било повеќе од јасно дека атентатот е дел од поширок систем на политичко насилство. Премиерот Константинос Караманлис веднаш поднел оставка, додека Ламбракис стана маченик за демократијата и мирот. Демократска младина на Ламбракис била основана набргу потоа и станала една од најголемите младински политички организации во Грција. Овој атентат бил предупредувачки знак за воена хунта која владеела со Грција од 1967 до 1974 година.
Едукативно-историската проштека почна и заврши со дружба со нашите другари и другарки во Културниот центар Anareseis, простор на организацијата Комунистичко ослободување во Солун. Од овој Културен центар, во близина на Студентскиот кампус, не можеше да не се забележи раздвиженоста на градот, но и политичката активност на грчката младина. Солун беше украсен со комунистички плакати. Солун, еднаш светилник на прогресивните идеи на Балканот, нема само револуционерно минато. Солун има и револуционерна сегашност и иднина.
























