Компаративен осврт кон Марксистичкото гледиште наспроти либерално-феминистичкото гледиште

 

Кога се зборува за ослободување на жената од угнетувањето, најчесто се предлагаат решенија кои воопшто не загребуваат под површината на постоечката дадена состојба во која се наоѓа современата жена, и ваквите решенија ги валоризира либералниот феминизам. Во овој текст накратко ќе се обидам да ги објаснам причинско-последичнчите врски на овој феномен. Во исто време, аргументирано отфрлајќи ги „решенијата“ на либералниот феминизам.

„Секако, Маркс никогаш не го третираше прашањето за жените како проблем „сам по себе“. Но, создаде алатки со неспоредлива вредност во борбите на жените да ги добијат сите нивни права. Материјалистичкото сфаќање на историјата не ни дава готови рецепти за женскиот проблем, но има поважен придонес од тоа; Обезбедува средства со кои можеме правилно и точно да го испитаме и разбереме овој проблем“ (Цеткин, Клара 2012 „Што му должат жените на Карл Маркс?“, Избрани написи, стр. 128, Истанбул.

Угнетувањето на жената и сексизмот, марксизмот го анализира во контекст на класната експлоатација. Односот на комунистите кон прашањето и проблемот на женското угнетување е всушност поврзан со дијалектичко-материјалистичкото поимање на историјата, општеството и општествените промени. Марксизмот тврди дека угнетувањето на жените произлегува од производните односи на класните општества и се појавува главно преку развојот на приватната сопственост и класната експлоатација, затоа што социо-материјалните корени на женското угнетување во капитализмот се поврзани со односот во домаќинството со репродукцијата на капиталот. Жената во капитализмот е експлоатирана според биолошките капацитети да раѓа и да се грижи за идните генерации на работници, кои ќе бидат погодни за експлоатација и ќе го одржуваат и хранат капитализмот.

Спротивно на тезите и тврдењата на феминистите од различни пристапи, кои го обвинуваат марксизмот не само дека е „слеп“ во однос на изворот на проблемот, туку и дека има малку или никакви предлози во контекст на женската еманципација, марксистичкиот пристап ни покажува дека идејата за еманципација на жените не е нуспроизвод на социјалистичката револуционерна теорија, туку нејзино централно прашање. Поставувањето на темелите на нееднаквоста е начин да се разбере важната и често меѓусебно зависна улога на навидум неповрзаните угнетувања во создавањето и поддршката на системот на експлоатација. Најбитниот и објективен интерес на работниците е да се борат против сите видови угнетување. Различните видови на угнетување се наоѓаат во доминантните агенди на борбата на работничката класа.

Многу феминистички писатели ги обвинуваат Маркс и Енгелс за „економски детерминизам“, за „сведување на сите општествени проблеми на класни односи“, вклучувајќи го и угнетувањето на жените. Ова се заснова на тврдењето дека марксизмот не може да ги објасни „посебните“ димензии на жените да се угнетениот пол, бидејќи жените секогаш се угнетувани од мажите и дека ова прашање не е за класна анализа. Има дури и карикатура на комунизмот дека се занимава само со експлоатација во четирите ѕида на работното место.

Појдовната точка во основата на овие обвинувања е дека угнетувањето на жените е, делумно, од „лична и приватна природа“ и „не е релевантно за класните општества“, туку е резултат на односите меѓу жените и мажите, покажувајќи ќи ги мажите како по природа одредени насилници и занемарувајќи го влијанието на материјалните околности во формирањето на поединецот, а воопшто и на цела една свест.

Значајна разлика меѓу марксистичкиот пристап и феминистичкиот се состои токму во корените на разбирањето на проблемот со угнетувањето на жената. Така што, според феминистичкиот пристап, патријархатот е главниот виновник за угнетувањето кон жените, додека пак, според дијалектичкиот материјализам класното општество е изворот на угнетувањето на жената. И оттаму доколку патријархатот се гледа надвор од класните односи се губи смислата за неговото постоење.

Голем дел од феминистичката литература има тенденција да се заснова на неисториски метафизички апстракции за категориите „мажи“ и „жени“. Меѓутоа, родовите специфични разлики на класата, фрагментацијата на полот врз основа на класата, артикулацијата на машката доминација и класната експлоатација во капитализмот треба да се сфатат преку противречностите што ги содржи во себе начинот на производство. Мажите и жените различно ги доживуваат своите класни идентитети, но во исто време, угнетувањето кое жените го доживуваат како пол се разликува и според нивната класна положба. Односно, жените работнички се далеку поугнетувани од жените спственици на средства за производство. И тука либералниот феминизам, борејќи се само против патријархатот, всушност се бори за ослободување само на жените капиталистки, кои исто како и мажите капиталисти, угнетуваат жени (и мажи) работници. Либералниот феминизам, воопшто не разгледувајќи ги призводствените односи, всушност го овозможува опстојувањето на капитализмот.

Додека се бара одговор на прашањето како еманципацијата на жените би била можна под условите на капитализмот, дијалектичкиот материјализам се повикува на класичната марксистичка теорија. Според тоа, тој тврди дека историската и социјалната промена на човештвото може да се анализира со материјалистички метод со разбирање на промената на начините на производство и дека човечката еманципација може да се постигне само преку воспоставување на бескласно, неексплоататорско комунистичко општество. Во гореспоменатите рамки, односите меѓу половите и семејството,  се диференцираат поради промената на начинот на производство, а особено со развојот на капиталистичките производни односи, жените се општествено подредени. Аргументот на Маркс и Енгелс дека машката доминација е производ на одредени историски услови во кои се развивала приватната сопственост, ја формирале основата на марксистичкиот феминизам. Во дневниците што ги водел помеѓу 1880 и 1882 година, Маркс открива дека првата социјална поделба на трудот започнала меѓу мажите и жените. Во книгата Потекло на семејството, приватната сопственост и државата (1884), која Енгелс ја напишал врз основа на белешките на Маркс, тврди дека приватната сопственост која е во сопственост на мажите и семејството е таа што ги потчинува слободните и еднакво продуктивни жени. Според тоа, како што производството се претвори во машко производство со текот на времето, жените се претворија во секундарни средства од кои се очекуваше да управуваат со приватниот простор во домот (Енгелс, 2012: 85).

Иако дијалектичкиот материјалистички пристап прифаќа дека потчинувањето на жените не се случи за прв пат со капитализмот, тој го објаснува зголемувањето на оваа експлоатација со подемот на капитализмот. Според тоа, жените не сочинуваат посебна класа одвоена од мажите. Напротив, жените и мажите работници ја сочинуваат работничката, односно угнетената класа, додека пак, жените и мажите капиталисти, се дел од унетувачката класа. Оттаму, класните разлики се токму оние кои најмногу влијаат врз угнетувањето на жените, односно дека сметањето на жените како единствена класа ги игнорира нивните класни разлики.

Решенијата и методите кои ги употребува либералниот феминизам, не вродуваат со успех во борбата против угнетувањето на жените, напротив проблемот го маскираат преку најразлични барања од типот на: платена домашна работа, или пак воведување на квоти за поголема вклученост на жените во политиката.

Домашната работа која либералниот феминизам ја дефинира само како неплатен труд на жената во домаќинството и за која како единствено решение го предлага, плаќањето на тој труд, не е ништо друго, освен затварање на жената во рамките на домот и нејзино изолирање од општествените случувања. На некој начин, поттурнување на жената да биде домаќинка. Токму тоа што го бара патријархатот. Нели? Место тоа, комунистите не гледајќи ја жената како посебна класа, се залагаат за целосното вклучување на жената во општествените процеси и во класната борба, како нејзин рамноправен чинител, преку нејзиното организирање во синдикати и други облици на општествена организираност.

Неолиберализмот, сакајќи да се прикаже како родово сензитивен и осетлив на женското прашање, воведе дури и квоти за застапеноста на жените во политиката, каде преку процент се одредува и оценува успешноста на вклученоста на жените во политичкиот живот. Но земајќи ја во предвид состојбата во која се наоѓаат жените, и воопшто односот на мажите кон нив, може лесно да се заклучи дека воведувањето на квотите не е ништо друго овен една розова фотографија со која се трудат да го сокријат мракот во кој живеат жените. Имено либералниот феминизам за занимава само со формата, но не и суштината на проблемот, трудејќи се угнетувањето врз жените да го „реши“ во капитализмот, и создавајќи заблуда дека жените се една единствена класа, односно дека угнетувањето доаѓа само од страна на мажите. Напротив, производствените односи се оние кои вршат било какво угнетување врз луѓето, оттаму, борбата против угнетувањето на жените, е дел од борбата против сеопштото угнетување.

Џејлан Велиу