Постои дуализам во славењето на 9 Мај како Ден на Европа и Ден на победата над фашизмот.

 

Европската унија го слави 9 Мај како ден на мирот и единството, во спомен на потпишувањето на Шумановата декларација за основање на Европската заедница за јаглен и челик. Воедно, тоа е ден за одбележување на победата на либералниот капитализам над тоталитарниот фашизам во Западна Европа. Тоа е денот на зачувувањето на Старата Европа – Европа на капиталистички земји, на банки и корпорации. Старата Европа повторно се богати врз грбот на своите колонии. Но, се богатат нејзините крупни капиталисти, банкарите и евробирократите, а не западноевропската работничка класа.

 

Оттаму, ние социјалистите немаме ништо заедничко со 9 Мај како ден на Европската унија на капиталистички земји, банки и корпорации. Воедно немаме ништо со славењето на 9 Мај како руски национален празник, имајќи предвид како се перцепира овој ден во постсоветската ера.
Затоа, заедно со антифашистите низ светот- ние го славиме 9 Мај како ден на победата над фашизмот. Тоа е денот во кој Вермахтот капитулираше пред Црвената армија во Берлин. Го велиме ова не со цел да го обезвредниме придонесот на сојузниците во победата над фашизмот, туку за да сфатиме зошто постои дуализмот во славењето на овој ден. Денес го нема Советскиот сојуз кој ја ослободи Европа од фашизмот во Втората светска војна. Но споменот остана. Загинаа неверојатни 27 милиони советски граѓани во борба до смрт против геноцидниот нацистички режим. Во меѓувреме, 400.000 Американци загинаа во целата Втора светска војна. Повеќе Совети загинаа само во битката за Сталинград отколку сите Американци (или Британци) кои загинаа во целата војна. Во поголемиот дел од Втората светска војна, САД и Велика Британија заедно се соочија со само 10 германски дивизии. Советите се бореле со повеќе од 200 германски дивизии. Над 80% од нацистичките жртви биле на Источниот фронт, односно нацистите изгубија 1 милион војници на Западниот фронт, а 6 милиони на Источниот фронт. Дури и Винстон Черчил – тврд антикомунист, десничар и колонијалист – мораше да признае дека Советскиот Сојуз ја направи „главната работа во распарчување на Вермахтот“ и дека „Црвената армија е таа што ги искина цревата на гнасните нацисти”.

 

После сето погоре кажано, 77 години од потпишувањето на нацистичката капитулација не’ потсетуваатна Лениновиот заклучок дека „фашизмот е капитализам во пропаѓање“. 77-те години ревизионизам и рехабилитација на нацистичкото минато ни укажуваат на фактот дека капитализмот и фашизмот нема да се предадат сами, туку напротив, ќе се борат до последен здив да го задржат стариот поредок, поради што, исто како пред 77 години – и денес жива е паролата:

СМРТ ЗА ФАШИЗМОТ – СЛОБОДА ЗА НАРОДОТ!