Интернационална кампања за поддршка на студентското движење во борбата за јавно и бесплатно образование во Грција.
Со овој текст и се обраќаме на борбената младина ширум светот, ширејќи ја пораката за борбата за јавно и бесплатно образование, од стотици илјади средношколци и студенти, наставници и работници во јавното образование.
Грчката влада најави нов закон за образование наречен „Слободен универзитет“ чија главна цел е отворање приватни универзитети во Грција. Ексклузивното право на јавно и бесплатно високо образование е експлицитно дефинирано со „член 16“ од грчкиот Устав. Овој член не е укинат благодарение на големите борби на народот и младината, и покрај напорите на неколку минати грчки влади. Последен пат кога владата се обиде да го укине „член 16“, во 2006-2007 година, за да основа приватни универзитети, се роди победничкото студентско движење со поддршка на работничката класа во Грција. Речиси сите грчки универзитети беа под окупација, со генерални собранија на илјадници студенти во секој оддел и студентски синдикати, со окупации на универзитети и протести на стотици илјади речиси секоја недела додека владата не се повлече.
Сепак, последните влади во нивните неуспешни обиди да создадат приватни универзитети воведоа посебна рамка за функционирање на приватните факултети, со најновиот пример на изедначување на приватните универзитетски дипломи со дипломите од јавниот универзитет. Во исто време, средствата за државно финансирање на образованието постојано се намалуваат со разорни ефекти врз училиштата и универзитетите, додека во исто време новата рамка ги турка универзитетите во партнерство со приватниот сектор и мултинационалните компании под изговор на пазарни врски и реципрочна „соработка“. Откако војната стана органски елемент на капитализмот, грчките универзитети соработуваат со воената индустрија и НАТО, префрлајќи го своето истражување од социјалните потреби на потребите на машината за убивање.
Во основата на горенаведената политика, покрај државните и приватните интереси, стои и Европската унија. Тоа уште еднаш го нагласува реакционерниот и тоталитарниот карактер на ЕУ, која го претвора Уставот на земјата во мртва буква, повикувајќи се на европската директива за „слобода на движење на капиталот и компаниите“ преку „членот 28“ кој гарантира дека меѓународните договори и европското право имаат предност пред грчкиот устав.
Затоа, тоа е обид да се укине не само јавното образование, туку и правото на државата и народот да одлучуваат поинаку од дирекциите на Брисел и бизнис лобијата кои владеат со ЕУ.
Сведоци сме на уште еден обид за приватизација на јавно добро, овојпат образованието. Секојдневно ги доживуваме негативните последици од приватизацијата на општествените добра, како што се електричната енергија, водата, здравството и транспортот.
Знаеме дека владата сака да го избегне „товарот“ на финансирање на јавното образование, а во исто време троши огромни суми за полициска репресија и воена опрема (имајќи водечка улога во трошоци за одбрана како процент од БДП меѓу земјите на НАТО, надминувајќи ги дури и САД).
Изјавуваме дека младите, средношколците и студентите, наставниците и работниците во училиштата и универзитетите ќе се борат против оваа политика. Заедно со работничкото и народното движење бараме исклучиво јавно, бесплатно и сеопфатно право на образование и вработување по студиите. Во почетокот на 2024 година, студентските синдикати се приклучија на генералните собранија и окупации во повеќето грчки универзитети, со поддршка од средношколци, наставници и работници. Веќе се организирани големи демонстрации низ Грција, додека во наредните недели се подготвуваат нови.
Преку оваа кампања, ве повикуваме да ја поддржите борбата на грчката младина и работничката класа и да продолжите со изјави (на пр. текстови, публикации, одлуки и иницијативи на студентски и/или работнички синдикати) како и акции (на пр. транспаренти, демонстрации во грчките амбасади итн.) во знак на поддршка на студентското и образовното движење во Грција. Ве молиме објавете ги вашите иницијативи на социјалните мрежи користејќи го хаштагот #StudentMovementGreece.
Сметаме дека барањата не се однесуваат само на младите во Грција, туку тоа е борба на младите и народите ширум светот. За образование кое обезбедува сеопфатно знаење за општествено добро кое нема да биде на коцка на пазарната економија! Борбата за образование е право, а не привилегија!
Социјалистичка зора ја поддржува борбата на учениците и студентите во Грција, која ја водат против приватизацијата на образованието. Иако се сака да се претстави дека приватизацијата има за цел да пружи подобра и поефикасна услуга, сепак чинот на приватизација, без разлика на тоа во кој сектор или дејност се случува, истиот има само една цел, профит и збогатување на одредена клапа на луѓе. Како што кажуваат другарите од Грција, ова не е изолирана појава, туку проблем со кој се соочува светската работничка класа. И затоа одговорот треба да биде интернационален.
Во оваа прилика сакаме да посочиме внимание и на обидите за приватизација на Железницата во Македонија, која подло и тајно се подготвува, претходно укинувајќи ги 90% од сообраќајните линии. Но, рецептот веќе ни е познат, „уништи, па приватизирај“. Тоа што недостасува во Македонија е силно студентско и работничко движење кое ќе се бори против овие појави.
View this post on Instagram