Протести и штрајкови за поддршка на Палестина во најмалку 75 општини низ целата држава, затворени училишта, блокирани пристаништа и сообраќај.

Италијанската влада, која доминантно е десничарска, на чело со премиерката Џорџија Мелони, одбива да ја признае државноста на Палестина и е голем подржувач на Израел.

Сепак народот и работниците во Италија повторно пружаат организиран отпор поради империјалистичкото насилство и геноцидот кој Израел поддржан од Европската Унија и САД, бесрамно го врши во Палестина веќе две години. На 22 септември, пристанишните работници во Италија одлучија да штрајкуваат и блокираа повеќе пристаништа низ државата. Работниците на пристаништата децидно бараат Италија да престане да биде попатна станица и средство преку кое ќе се врши транспорт на оружје и останата муниција до Израел. 

Еден од учесниците во штрајкот и жител на Џенова, кој е член на работничката група „Автономен колектив на пристанишните работници“, изјави: „Палестинскиот народ продолжува да ни дава уште една лекција за достоинство и отпор. Учиме од нив и се обидуваме да придонесеме.“

Од друга страна, Матео Салвини, италијанскиот министер за транспорт, негира дека протестите, блокадите и штрајковите имале значително влијание врз сообраќајот. Тој ги пофали сите работници кои не учествуваа во демонстрациите и штрајковите, изјавувајќи: „Денешниот штрајк предизвика откажување на поаѓањето само на одреден број возови. Политичката мобилизација на крајно левичарските синдикалисти не може да им наштети на милиони работници“. 

Сепак, наспроти тврдењата на владата, излезноста беше несомнено голема. Само во Рим, 20.000 луѓе излегоа на улица. Пристанишни блокади на кои се вееја палестински знамиња меѓу другото се случија и во Џенова, Ливорно, Тоскана и Трст.  Воедно, железничкиот сообраќај во Рим беше сериозно закочен. Покрај блокадите и штрајковите, избувнаа и бројни демонстрации низ целата земја. Во Милано, полицијата се судри со демонстрантите, при што повредени беа повеќе од 60 лица. Во Болоња, имаше обид за блокада на автопат, додека пак во Неапол, исто така, имало судири помеѓу полицијата и демонстрантите кои влегоа во главната железничка станица.

Италијанскиот отпор деновиве е само уште еден пример за силата на револуционерното синдикално организирање и дејствување. Очигледна е реалната промена која ја направија самите пристанишни работници, но и  прогресивните сили предводени од синдикатите, промена која не може да се издејствува само со граѓански, ненасилни протести на неорганизирани работници.