Д Е Л О В Н И К
ЗА РАБОТА НА СОБРАНИЕТО
Член 1
Предмет на уредување
Со овој Деловник за работа се уредува организацијата и функционирањето на Собранието на Социјалистичка зора и тој се применува заедно со одредбите од Статут.
Член 2
Свикување и одржување на годишни заседанија и редовни сесии
(1) За начинот на свикување на Годишното заседание и Редовните сесии, непосредно се применуваат член 18, член 20 и член 21 од Статутот на Социјалистичка зора.
(2) Иницијаторите за одржување Годишно заседание или Редовна сесија на Собранието должни се иницијативата или предлогот да го достават на официјалната мејл листа на Собранието во предвидениот рок наведен во Статут.
(3) На Годишното заседание учествуваат сите членови на Собранието кои присуствувале на повеќе од 50% од редовните седници од последното годишно заседание.
Член 3
Претседавач на Собрание
(1) На почетокот на секое заседание или сесија, Собранието избира Претседавач.
(2) Претседавачот на Собранието ги има следните овластувања:
– го отвора и затвора Годишното заседание или Редовните сесии;
– го чита Записникот од претходното заседание или сесија, со цел следење на исполнување на донесените одлуки и преземените обврски;
– се грижи за примена на Деловникот за работа;
– се грижи за придржување на дискусиите кон усвоениот Дневен ред;
– дава и одзема збор на дискутантите;
Член 4
Записничар на Собрание
(1) На почетокот на секое заседание или сесија, Собранието избира Записничар.
(2) Записничарот на Собранието ги има следните овластувања:
– води Евидентен лист за присуство и отсуство на членовите;
– му помага на Претседавачот во претседавањето;
– води Записник од Годишно заседание или Редовна сесија;
– се грижи веродостојно, концизно и сеопфатно во Записникот да ја преслика дискусијата и одлуките по секоја точка од Дневниот ред.
Член 5
Записник
(1) За работата на Годишното заседание и Редовните сесии на Собранието се води Записник којшто ги содржи основните податоци за: кворумот и листата на присутни, текот на работата и дискусиите, предлозите што се дадени и за кои се гласало, заклучоците и одлуките што се усвоени и сл.
(2) Записникот од Годишното заседание и Редовните сесии, Записничарот или Претседавачот го праќаат на мејл листата на Собранието.
(3) Член на Собранието може да стави забелешки на Записникот и да бара во него да се извршат соодветни измени или дополнувања.
(4) Записникот се смета за усвоен откако сите присутни членови на Годишното заседание или Редовните сесии ќе се согласат и ќе ја потврдат содржината на мејл на Собранието.
(5) Записникот го потпишуваат Претседавачот и Записничарот.
(6) Записникот се архивира и евидентира во деловодна книга која ја води Застапникот.
Член 6
Дневен ред
(1) Точки за Дневниот ред за Годишното заседание и Редовните сесии на Собранието предлага секој член на Собранието, а го сумира Застапникот.
(2) Предлог–дневниот ред се доставува до членовите на Собранието најмалку една седмица предходно.
(3) До утврдување на конечниот Дневен ред, член на Собранието може, на самото заседание или сесија, да предложи внесување нови точки или бришење на предложените.
(4) Дневниот ред, се гласа на почетокот на секое заседание или сесија на Собранието.
Член 7
Излагања
(1) Член на Собранието не може да говори пред да побара и да добие збор од Претседавачот на Годишното заседание или Редовните сесии.
(2) Член на Собранието може да зборува најмногу 15 минути за една точка од Дневниот ред.
(3) Претседавачот се грижи говорникот, при неговото излагање, да не биде прекинуван или ограничуван од друг член на Собранието.
(4) Претседавачот води евиденција на времетраењето на излагањата, на репликите и на контрарепликите.
Член 8
Реплика и контрареплика
(1) Член на Собранието има право на реплика и контрареплика на излагање на друг член на Собранието.
(2) Член на Собранието може да упати реплика или контрареплика на излагачот веднаш после неговото излагање на начин што ќе побара забор од Претседавачот.
(3) Член на Собранието може да зборува најмногу 5 минути при реплика, а 3 минути при контрареплика, за една точка од Дневниот ред.
Член 9
Гласање
(1) За сите прашања од Дневниот ред Собранието одлучува со јавно гласање со мнозинство од вкупниот број на членови на Собранието (апсолутно мнозинство).
(2) По исклучок, а по предлог од најмалку една третина од членовите на Собранието, може да се одлучува и со тајно гласање по одредени точки од Дневниот ред.
Член 10
Евиденција за присуство и отсуство
(1) Членот на Собранието има право и должност да присуствува на заседанијата и сесиите на Собранието и активно да учествува во дискусиите и во одлучувањето.
(2) За присуството на заседанијата и сесиите на Собранието се води Евидентен лист.
(3) Член на Собранието кој е спречен да присуствува на заседание или сесија на Собранието е должен за тоа да го извести иницијаторот.
Член 11
Влегување во сила
(1) За сè што не е предвидено со овој Деловник, важат соодветните одредби од Статутот и другите општи акти на Социјалистичка зора.
(2) Овој Деловник влегува во сила од денот на донесувањето.