
Кон крајот на август, избувна голем пожар во поранешната градска депонија „Вардариште“, додека жителите на Аеродром и Ново Лисиче и на почетокот на септември алармираа дека се будат во густи облаци чад и задушлив мирис што им навлегува во домовите. Во средината на септември, во скопско Трубарево изгоре приватна компанија која се занимава со електронски отпад. Последиците на тешките хемикалии во воздухот, допрва треба да се утврди како влијаеле и ќе влијаат врз дестици илјади жители во густо населените општини кои со денови вдишуваа отров во воздухот.
Но како што наближуваше официјалниот почеток на кампањата за локалните избори и како што медиумите започнаа да ги следат партиските каравани, темата за „екоцидот“ или „еколошкиот тероризам“, привремено исчезна од фокусот на внимание на јавноста.
Потпалувачи или собирачи на отпад?
На 9 Октомври во медиумскиот простор и на социјалните мрежи осамнаа следните наслови: „Денес ќе се дознае пресудата за лицата кои го палеле Вардариште“ , „По три години затвор за тројцата потпалувачи“ и „Осудени лицата што го запалија Вардариште“.
Ваквите тенденциозни наслови немаат никаква врска со реалноста! Обвинетите Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи признаа вина за сторено кривично дело од членот 230 од Кривичниот законик со поднаслов: „Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“. Конкретно, тројцата обвинети признаа дека во последните 5 години вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад. Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, стои во обвинението.
Притоа, адвокатите на обвинетите, чија одбрана се засноваше на немањето докази дека пожарите на депонијата биле на местото каде што бил фрлан отпадот, сепак ги убедиле обвинетите да признаат вина, надевајќи се на поблага казна. Сепак, и покрај тоа што за ова кривичното дело е предвидената казна затвор е од три месеци до три години, и покрај признанието на вина, на обвинетите им е изречена максимална затворска казна од 3 години!
Издржана пресуда или линч на незаштитените?
Оваа пресуда дефинитивно не дава одговор на прашањето што му се случуваше на Скопје и на скопјани во изминатите два месеци со опожарените депонии. Но затоа, оваа пресуда отвара други, многу битни прашања, и тоа:
Кому му служи нашиот правен систем? Зошто три сиромашни семејства кои голата егзистенција ја обезбедувале преку собирање отпад и старо железо – треба да ја сносат сета одговорност за години институционална негрижа и непостапување околу депониите во Македонија? Зарем тројца собирачи на отпад создадоа дива депонија на местото на поранешната градска депонија Вардариште? Зошто тројца собирачи на отпад експресно одат во затвор, додека непознат број на политичари на највисоки функции овозможуваа и сеуште овозможуваат увоз на отпад од западна Европа и горење на истиот во Македонија со минимален, и како што гледаме досега, никаков инспекциски надзор? Зошто оваа пресуда не ја следи воспоставената судска пракса во Македонија? Тројцата обвинети не се претходно осудувани. Зошто на луѓе без криминално досие им се изрекува максимална казна? Зошто три години затвор за сиромашни роми кои незаконито тргувале со отпадни метали за да го прехранат семејството, а условна казна за докторка осомничена за нехумано тргување со онколошки медикаменти?!
Индивидуална или институционална одговорност?
Разочарувачки е, исто така, што одредени граѓански иницијативи, како „Стоп за Вардариште“, ја гледаат оваа пресуда како позитивен исход од нивните повеќенеделни блокади, а дури и како повод за славење. „Стоп Вардариште“ бараа оградување на дивата депонија, нејзино обезбедување и казни на потпалувачите. Оваа иницијатива на 10.10.2025 повика на голема забава, за како што тврдат тие, успехот што надлежните конечно почнале со расчистување на депонијата. Во најмала рака, забавата делува невкусно. Дали удирање по најсиромашните и најмаргинализираните е повод за славење?
Сепак, оваа пресуда предизвика и поинаква лавина реакции од корисниците на социјалните мрежи. Некои од реакциите гласеа: „Клетниците“ на Виктор Иго… Тие што немаат вода во очи и го прават ова за парче леб требаше да ги обвиниме и затвориме? Кој е виновен што им е овозможено и дозволено да имаат пристап до депонијата? Што со следните кои ќе се појават и ќе го прават истото?“
Затоа, не’ радува класната освестеност на дел од населението, кои на проблематиката пристапуваат исклучиво преку класната призма и не ги прифаќаат дадените решенија од страна на судските органи. За народот станува појасно тоа дека интересите помеѓу владеачката класа и владеаната класа секогаш се спротиствавени.
Пресудата уште еднаш ја покажува дволичноста на правосудството на буржоаската држава, бидејќи законот, всушност ја претставува исклучиво волјата на владеачката класа. Во капиталистичко општество, правдата постои само за тој што може да ја купи. Останатите – сиромашните, маргинализираните, работниците, студентите, пензионерите – доколку не сме организирани, зависиме од милосрдието на владеачката класа.