
Социјалистичка зора го поддржува протестниот марш во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија, кој ќе започне од Работнички дом и ќе заврши пред Владата, со почеток во 17 часот, на 28 Јануари (среда).
Маршираме заедно! Наши членови и симпатизери ќе ги поддржат синдикатите СГИП, УПОЗ, СУТКОЗ, СРТ, НСОН, СХНМ, СКРМ, СИЕР и други кои бараат зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку зголемување на минималната плата на 600 евра.
Исти класни интереси! Се бориме трудот да ни биде достојно вреднуван и платен, бараме навремена и квалитетна здравствена заштита, очекуваме пријатна и безбедна работна средина. Синдикалното организирање е нашата алатка за дејствување и легално оружје за борба. Како што е потребно целосно искоренување на сиромаштијата – така е потребно целосно искоренување на синдикално неорганизираните работници. Ние работниците имаме исти класни интереси.
Суштински синдикални барања. ССМ фокусот на синдикалната борба предолго го задржува на номиналното зголемување на минималната плата, барање кое во изминатите неколку години беше исполнувано од страна на извршната власт, за уште наредниот ден – покачувањето да обезвредни поради незаузданиот пораст на цените. Затоа, неопходно е суштинско подобрување на работничкиот стандард! За тоа да се постигне, неопходна е масновност, односно што повеќе работници да ги препознаат протестните барања како свои. За таа цел, неоходно е и Сојузот на синдикатите на Македонија да се потпре на своите единствени стабилни сојузници – работниците. Имено, долго се протестира, а не се штрајкува, што е уште еден показател на ограниченоста на социјалниот дијалог и граѓанскиот активизам.. Крајно време е, главната синдикална алатка да стане штрајкот.
Мобилизација и обединување! Во врска со протестот, за пошироката јавност останува нејасно кои се синдикалните теми по кои синдикалните конфедерации не можеа да заземат заеднички став. Во официјалниот повик за протестот не се наведени споредните барања на организаторите, поради што се добива впечаток дека единственото барање за 600 евра минимална плата е консензус меѓу синдикалните конфедерации. Сепак тоа не е случај, затоа што трите синдикални конфедерации не можат да се обединат позади неколку клучни барања подолго време. Од тие причини и генералниот штрајк како највисока форма на синдикалното дејствување – за жал останува далечно ехо од минатото и малку веројатно дека би се случило во блиска иднина.
Борба за трајни придобивки! Сето досега кажано треба да се сфати како добронамерна сугестија на комунистите. Во среда маршираме заедно со синдикатите кои се одважија да протестираат. Паролите на Антикапиталистичкот блок и нашите црвени знамиња – и натаму повикуваат на обединување на работниците против наемното ропство на 8 часовниот работен ден, ропство на прекувремената и додатна работа. Во оваа смисла, доколку се извојува победа во насока на законско скратување на полното работно време, тоа би била трајна придобивка во споредба со времениот карактер на номиналното зголемување на платите. Тоа е барањето на Антикапиталистичкиот блок кое го истакнуваме 5 години со ред на речиси секој позначаен синдикален протест.
Другари работници! Да ги поддржиме синдикатите кои се обединија зад барањето за зголемување на минималната плата! Но во периодот што претстои, и ние синдикално да се организираме на нашите работни места, зошто само синдикално организирани – можеме заедно да се бориме, не само за подобрување на нашиот животен стандард, туку и за зачувување на придобивките извојувани досега – придобвки кои се ронат под притисокот на капиталистичката држава и стопанските комори.
