Од последните парламентарни избори што се одржаа минатата година, до денес, партиите се во секојдневна предизборна кампања. Во изминатите неколку недели јавноста се запозна со она што ние подолго време го знаевме – дека целогодишната кампања работниците ги чини милиони и милиони евра кои во буџетот на т.н. социјална држава би биле употребени за подобро здравство, образование, инфраструктура итн.
Партиите од власта и опозицијата продолжуваат да се препукуваат по прашањето кој е виновен за трагедијата во кочанската дискотека Пулс, за палењето на депониите, за загадувањето. Истото го правеа, само во обратни улоги, после трагедиите во тетовската болница и во автобусот на Беса Транс. Под превезот „правда за жртвите и семејствата”, сите партии, големи и мали, продолжуваат да водат кампања во која жртвите стануваат само уште една пропагандна алатка.
Едноставно, од големите наративи на тогашната и сегашна власт за справување со корупцијата и криминалот, за владеење на правото и за враќање на довербата во институциите – видовме само ветувања и оправдувања.
Затоа, нашиот став останува непроменет и една година подоцна, поради што повторно го споделуваме:
„Работниците во Македонија сѐ уште веруваат во капиталистичката парламентарна демократија. Но анархистичката критика која го спори самиот концепт на претставничката демократија – не води никаде. Оттаму, сметаме дека во повик за бојкот на изборите нема ништо револуционерно. Од друга страна, работниците во Македонија немаат своја социјалистичка партија – кадровски екипирана со сериозна програма за да ѝ го дадат гласот.“
„Ако воопшто имало судбоносни избори во Македонија, тоа беа првите парламентарни избори одржани 1990 година кога работниците масовно гласаа за политички партии со отворени националистички и прокапиталистички тенденции. Сепак, овогодинешните избори, повторно се претставени како судбоносни за граѓаните, иако од досега виденото, повеќе од јасно е дека се судбоносни само за политичките актери кои сакаат да ја задржат или повторно да ја приграбат власта и привилегиите“.
СТАВ на Социјалистичка Зора за претстојните парламентарни и претседателски избори 2024