На 10-ти септември, под паролата „Блокираме сè“, синдикатите, граѓанските организации,  како и народот ширум Франција се обединија во масовни протести и штрајкови. Причината за граѓанската непослушност е незадоволство кое се зголемува од крајот на јули, поради финансискиот план за 2026 година на Франсоа Бајру, сега веќе поранешен премиер, чија што фрагилна коалиција се распадна. Но, планот останува и покрај заминувањето на премиерот. Имено, овој план предлага кратење на 44 милијарди евра од државниот буџет за да се намали буџетскиот дефицит.
Планот предлага укинување на два државни празници, имено велигденскиот понеделник и 8 мај, замрзнување на пензиите и социјалните бенефиции и значително намалување на буџетот во јавните услуги. Овие мерки народот ги смета за директен напад врз социјалните права и јавните услуги.

Како и другите буржоаски влади до сега, слично и на Грција во 2008 година, а, и во безброј други случаи низ светот и историјата, овие мерки несразмерно и исклучиво удираат по џебот и животниот стандард на сиромашните, пензионерите и работничката класа. Место вакви мерки, потребно е да се оданочат дополнително капиталистите, кои всушност се и одговорни за финансиската криза. 

Планот на Бајру доведе до масовно јавно незадоволство, и по неговата оставка на 8-ми септември. Сепак, незадоволството кај народот продолжува, затоа што и неговите наследници ќе се водат по слични принципи во обид да го намалат буџетскиот дефицит. 

Протестите и штрајковите што одекнаа низ Франција на некој начин се продолжение на Движењето на жолтите елеци. Но она што е различно овој пат, е големата вклученост на социјалистите. Се случи генерален штрајк во железничкиот транспорт, а на 18 септември сите поголеми синдикати се обединија и одржаа целодневен предупредувачки штрајк. 

Барањата нa демонстрантите се следни: 

  • Зголемување на платите и пензиите, 
  • Укинување на реформите за осигурување во случај на невработеност,
  • Реорганизација и зголемување на програмите за социјална помош,
  • Враќање на социјалните права, како што е платеното отсуство.

Во фокусот на демонстрантите е заштитата на јавните услуги. Вработените во здравството, образованието, транспортот и социјалните услуги се жалат дека квалитетот на услугите се намалил поради недостаток на персонал, буџетски ограничувања и влошување на условите за работа. Штрајкот го сметаат за форма на протест и против оваа состојба.

Се очекува штрајкот да се прошири и во други области.  Главните сектори кои учествуваат во штрајкот се:

  • Транспорт (железници, метро, ​​авиокомпании),
  • Здравство (болници, аптеки),
  • Образование (наставници, училишен персонал),
  • Јавни услуги (државни службеници, општински службеници),
  • Медиуми (особено вработени во државната телевизија),
  • Таксисти, земјоделци, обезбедување и работници во приватниот сектор.

Франција има силно синдикално движење, што на народот му нуди алатки за  конкретна и  организирана борба против вакви и слични антиработнички мерки. 

Синдикатите постојат за заштита и унапредување на работничките права и работничкиот животен стандард. Не треба да чекаме истите да бидат под закана од вакви мерки, за синдикално да се организираме. Синдикалното организирање е неопходно и е поефективно од други видови граѓанско организирање. Додека пак генералниот штрајк како алатка е поефективен од обични протести затоа што директно ги засега производствените процеси, а со тоа удира по џебот на капиталистичката владеачка класа. 

Истакнувањето и веењето на палестинското знаме за време на протестите, од страна на некои синдикати, го сметаме за храбар и значаен чин во однос на поврзувањето на работничката борба, со борбата против империјализмот и против геноцидот врз палестинскиот народ. 

Овие мерки на штедење се дел од низата антиработнички законски предлози и реформи, не само во Франција, туку во голем број на капиталистички земји. Бидејќи капитализмот има потреба од поголема експлоатација за себеодржување.
Имено, во Македонија се изгласа
Законот за работно ангажирање на лица, кој ќе се применува од 1 јануари 2026 година, според кој ќе може работно да се ангажираат лицата кои веќе се во пензија. Иако овој „новитет“ е претставен како ексклузивно слободарско право, сепак во суштина, владата место да ги зголеми пензиите кои се мизерно ниски, на работниците – творците на минатиот труд, им „дозволува“ да работат се додека можат физички тоа да го издржат, за да можат да го преживеат месецот. Во Македонија скоро и да немаше реакција во однос на оваа законска измена, додека пак, пензиската реформа на Макрон во 2023 година предизвика масовни протести. Синдикатите и опозициските партии тогаш се изјаснаа дека зголемувањето на минималната возраст за пензионирање со цел да се затворат финансиските дупки во системот, неправедно ги казнува нискоквалификуваните работници што ја започнале својата кариера на млада возраст.

Целта е јасна, кризите на капитализмот на свој грб да ги сноси работничката класа, на што работничката класа треба да одговори цврсто и недвоумејќи се, преку синдикално и политичко организирање и делување.