СТАТУТ
на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
ПРЕДМЕТ НА СТАТУТОТ
Член 1
Со овој статут се уредуваат: името, седиштето и целите на здружението; дејностите со кои се остваруваат целите; начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението; правата и одговорностите на членовите; видот на органите и нивниот состав, начинот на избор, разрешување и траење на мандатот на членовите во органите, како и начинот на одлучување; застапувањето по закон; начинот на стекнување и располагање со средствата; начинот на донесување на финансиски и други извештаи; начинот на остварување на јавност и отчетност во работата; начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот; начинот на одлучување за статусни промени и престанок на здружението; начинот на донесување на планови и програми; постапувањето со средствата или имотот во случај на престанок на здружението и други прашања утврдени со закон; знакот и симболот на здружението; начинот на донесување на другите акти; судир на интереси; начин на разрешување на спорни прашања и други прашања од значење за работата на здружението.
ИМЕ И СЕДИШТЕ
Член 2
(1) Името e Здружение за промовирање социјалистичко уредување СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА Скопје.
(2) Скратеното име на здружението е СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје.
(3) Одлука за промена на името на здружението донесува Собранието.
Член 3
(1) Седиштето на здружението се наоѓа на ул. Рајко Жинзифов бр. 22 – Скопје.
(2) Одлука за промена на седиштето донесува Колективното претседателство.
ОЗНАКИ И СИМБОЛИ
Член 4
(1) Здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје има свој печат и штембил.
(2) Печатот на здружението е со кружна форма и во него е впишан текст во
полукружна форма и тоа: СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА во горниот полукруг, и AGIMI SOCIALIST во долниот полукруг.
(3) Штембилот на здружението е со правоаголна форма и во него е впишан текст:
СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА/AGIMI SOCIALIST, место за деловоден број, датум и прилог.
(4) Употребата на печатот и штембилот на здружението ги пропишува Колективното претседателство.
Член 5
(1) Здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје има свој симбол кој претставува графички приказ на бела силуета на човек со подигнати тупаници, со црвена петокрака со бели рабови над него, сето тоа на црвена позадина.
(2) Одлука за промена на симболот на здружението донесува Собранието.
ПОДРАЧЈЕ НА ДЕЈСТВУВАЊЕ
Член 6
(1) СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје е организација која дејствува на државно ниво, но се поврзува со слични организации од регионот и пошироко.
(2) Здружението своето дејствување го реализира преку директни контакти, преку пишани материјали и други активности кои се иницираат на социјалните мрежи.
ЦЕЛ И НАЧИНИ НА НЕЈЗИНО ОСТВАРУВАЊЕ
Член 7
(1) Долгорочна цел на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје е промовирање на социјалистичко општествено уредување.
(2) Начини на остварување на целта се:
- Активна критика на капиталистичката пропаганда давајќи јасна социјалистичка/комунистичка алтернатива.
- Градење кадри кои ќе го понесат факелот на социјалистичка револуција.
- Овозможување победа на идеите на марксизмот врз останатите идеологии кои ја делат работничката класа и го ослабуваат нејзиниот револуционерен потенцијал.
- Принципиелна и долгорочна соработка со програмски блиски левичарски и социјалистички домашни формални организации и неформални групи.
- Поврзување на идеолошки блиските организации од регионот и пошироко и градење цврсти основи за дологорчна регионална и меѓународна соработка.
- Организирање дискусии и трибини за класна анализа на капитализмот, национализмот, клерикализмот, милитаризмот, хомофобијата, родовата нерамноправност, загрозената животната средина итн.
- Разобличување на патријархалниот морал, ревизимонизмот, етно-шовинизмот и опортунизмот;
- Следење на појава на фашистички или фашизоидни идеи и спречување на нивното ширење;
- Поттикнување дискусија за организирање на работничката класа, за објективните услови за класната борба и за перспективите на идното социјалистичко/комунистичко општество;
- Промовирање на правото на квалитетно и за секого достапно домување, здравство и образование;
- Поттикнување иницијативи и организирање акции за развивање на солидарниот дух во општеството;
- Давање сесрдна поддршка на независната, прогресивна и слободарска уметничка сцена;
II. ЧЛЕНСТВО
ОСНОВАЧИ
Член 8
(1) Основачите на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје своите права и одговорности ги имаат исцрпено со чинот на основање на здружението.
(2) Со статутот, со општите и посебни акти, не можат да се утврдат посебни права и одговорности на основачите на здружението.
(3) Со денот на уписот на СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје во Регистарот на други правни лица, основачите стануваат членови на Собранието на здружението, со подеднакви права и одговорности како и лицата кои дополнително ќе бидат примени во полноправно членство согласно овој Статут и Правилникот за членство.
НАДВОРЕШНИ СОРАБОТНИЦИ
Член 9
(1) Надворешен соработник на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје е лице:
– со кое членовите на здружението соработувале или соработуваат во организирање заеднички настани и акции;
– кое членовите на здружението го познаваат добро од претходно и сметаат дека има потенцијал да стане кандидат за членство;
(2) Надворешен соработник на Здружението може да биде секое лице над 15 години, кое доброволно ќе пристапи и ќе истакне дека ги прифаќа целите на здружението утврдени со политичкиот манифест и статутот.
КАНДИДАТИ ЗА ЧЛЕНСТВО
Член 10
(1) Од редот на надворешните соработници Колективното претседателство избира
кандидати за членство.
(2) Кандидатот за членство во здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје е полнолетно лице за кое:
- Колективното претседателство оценило дека ги прифаќа целите на здружението утврдени со политичкиот манифест и статутот.
- Колективното претседателство оценило дека се работи за лице од доверба, со полн политички и човечки капацитет да се носи со предизвиците и обврските на членството.
(3) Колективното претседателство води посебен регистрар на кандидати за членство.
(4) Времето на испитување на потенцијалите на кандидатот за станување полноправен член изнесува 6 месеци од денот на внесот во Регистрарот на кандидатите за членство (редовна постапка).
(5) Колективното претседателство доколку смета дека е неопходно, со одлука може да го продолжи времето на испитување на дополнителни 6 месеци (продолжена постапка)
(6) За времетраењето на испитувањето на потенцијалите на кандидатот за станување полноправен член, истиот не се инфомира за статусот кандидат за членоство.
(7) По истекот на временскиот период за испитување на потенцијалите на кандидатот,
Колективното претседателство може да одлучи:
- да ја запре постапката, со што временскиот период за испитување почнува да тече од почеток или со што лицето го губи статусот на кандидат, и преминува во редот на надворешните соработници;
- да поднесе предлог до Собранието за прием во полноправно членство на кандидатот.
(8) Одлуката за прием на кандидат во полноправно членство ја носат постоечките членови на Здружението на предлог на Колективното претседателство.
ЧЛЕНСКА ЛЕГИТИМАЦИЈА, РЕГИСТАР НА ЧЛЕНОВИ И РЕГИСТАР ЗА ЧЛЕНАРИНА
Член 11
(1) По донесувањето на одлуката од членот 10 став 8, Колективното претседателство на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје на избраниот член му дава да пополни и потпише пристапница.
(2) На секој член му се издава членска легитимација.
(3) Формата и содржината на пристапницата и членската легитимација ги пропишува
Колективното претседателство.
Член 12
(1) Колективното претседателство на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје води Регистар на членови.
(2) Податоците за регистарот на членови се прибираат и чуваат во согласност со прописите за заштита на личните податоци.
Член 13
(1) Собранието, на предлог од Колективното претседателство, носи Правилник за висината и начинот на плаќање на членарината.
(2) Регистарот на членарината и донации го води Колективното претседателство.
ПРАВА И ОДГОВОРНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ
Член 14
(1) Секој член има права и одговорности согласно одредбите на овој статут и другите акти на Здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје.
(2) Членовите на здружението ги имаат следните права:
– да избираат и да биде избрани во органите и телата здружението.
– да бида информирани и вклучени во сите активности на здружението.
– да предлагаат точки на дневен ред за состаноци на органите и телата на здружението и да бидат присутни на состаноците на кои се одлучува по овие точки.
– да предлагаат вонредни состаноци на Колективното претседателство, доколку се работи за теми од итен карактер.
– во име на здружението да учествуваат на настани и акции, кои не се организирани од здружението, по претходна добиена согласност од Колективното претседателство.
– да бараат и добијат отчетност за начинот на собирање и наплата на годишната членарина.
– да бараат и добијат ослободување од плаќањето членарина или од учествувањето во определени активности, ако за тоа постојат оправдани причини.
(3) Членовите на здружението ги имаат следните одговорности:
– согласно политичките насоки на произлезени од состаноците на членовите и согласно извршните насоки на Колективното претседателство, активно да се вклучуваат во организирањето и спроведување на планираните активности.
– да го поттикнуваат организирањето на работничката класа, да ги посочуваат објективните услови за класната борба и перспективите на идното социјалистичко/комунистичко општество;
– да поттикнуваат иницијативи и да водат акции за развивање на солидарниот дух во општеството;
– да дадат поддршка на прогресивната и слободарска уметничка сцена;
– да го разобличуваат патријархалниот морал, ревизимонизмот, етно-шовинизмот и опортунизмот и да учествува во борбата против сите поделби на работничката класа по било кој основ;
– да вршат беспоштедна критика на капиталистичката пропаганда давајќи јасна социјалистичка/комунистичка алтернатива.
– со останатите членови да комуницираат на другарски начин, со почитување на нивното достоинство;
– редовно да плаќаат месечна (годишна) членарина.
ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНСТВО
Член 15
(1) Членувањето во здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје престанува со доброволно истапување или со исклучување.
(2) Секој член може доброволно да истапи со потпишување и предавање наизјава.
(3) Членството престанува со исклучување во случај кога членот:
– не го почитува статутот и другите акти на здружението;
– дејствува спротивно на целите на здружението;
– не ги исполнува обврските предвидени со Правилниот за членарина.
(4) Одлука за исклучување на членот од здружението донесуваат членовите на состанок , на предлог на Колективното претседателство или 1/5 од членовите на здружението..
(5) При престанок на членство во здружението:
– членот кој истапил ја враќа членската легитимација.
– членот кој е исклучен се впишува во посебен оддел на регистарот за членство, со назнака на кој ден е исклучен од здружението, ден во кој неговата членска легитимација станува неважечка.
III. ОРГАНИ
ОРГАНИ И ЧЛЕНОВИ НА ОРГАНИ
Член 16
(1) Органи на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје се: Собрание, Застапник и Колективно претседателство.
(2) Органите на здружението се избираат на начин утврден со овој статут.
(3) Членовите на органите одлучуваат според личното уверување, а дејствуваат согласно донесените одлуки на органите.
СОБРАНИЕ
Член 17
(1) Собранието на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје е највисок орган на здружението и го сочинуваат сите членови.
(2) Членовите на здружението се членови на Собранието.
(3) Собранието своите одлуки ги носи на редовни седници и на годишно заседание.
(4) Со годишното заседание и со редовните седници на Собранието претседава претседавач, а записниците ги изготвува записничар согласно Деловникот за работа.
(5) Собранието за сите прашања одлучува со јавно гласање.
(6) Собранието по исклучок, може да одлучува со тајно гласање согласно Деловникот.
(7) За работата на Собранието се води записник којшто содржи податоци утврдени со Деловникот.
ГОДИШНО ЗАСЕДАНИЕ НА СОБРАНИЕТО
Член 18
(1) На годишното заседание учествуваат сите членови на Собранието кои присуствувале на повеќе од 50% од редовните седници од последното годишно заседание.
(2) Собранието на своето годишно заседание:
- донесува и изменува статут, политичка платформа и годишна програма за работа.
- усвојува годишен политички извештај за работа,годишен финансиски извештај, годишен финансиски план.
- донесува деловник за работа на Годишното собрание и на редовните седници на здружението.
- одлучува за промена на целите на здружението;
- одлучува за правниот статус на здружението;
- одлучува за зачленување и истапување од сојузи и меѓународни организации;
- избира и разрешува лице кое ќе го претставува и застапува здружението во правниот промет (Застапник по закон);
- одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на здружението; и
- врши и други работи во согласност со статутот.
(3) Годишното заседание го свикува застапникот по сопствена иницијатива, по
барање на Колективното претседателство или на барање на 1/3 од членовите на Собранието (иницијатори).
(4) Ако застапникот во рок од 8 дена од денот на дадениот предлог не свика годишно заседание, седницата ја свикува Колективното претседателство или иницијаторите.
(5) Годишното заседание мора да се одржи во рок од 15 до 30 дена од свикувањето.
(6) Годишното заседание на Собранието се одржува доколку се присутни мнозинството членови согласно предвиденото во став 1 од овој член, и одлучува со мнозинство од вкупниот број членови (апсолутно мнозинство).
ВОНРЕДНО ЗАСЕДАНИЕ
Член 19
(1) На вонредното заседание учествуваат сите членови на Собранието кои присуствувале на повеќе од 50% од редовните седници во последните 12 месеци.
(2) Собранието на вонредното заседание ги има истите ингеренции на годишното заседание предвидени со овој Статут.
(2) Вонреденото собрание се свикува и на истото се одлучува согласно предвиденото со овој Статут за Годишното заседание.
РЕДОВНИ СЕДНИЦИ
Член 20
(1) Собранието полноправно одлучува и на редовни седници.
(2) Собранието на своите редовни седници:
- избира и разрешува членови на Колективното претседателство;
- самостоно формира или му предлага на Колективното претседателство формирање или укинување работни тела и комисии на здружението;
- дава политички насоки на Колективното претседателство и ја следи неговата работа;
- одлучува по предлог одлуките доставени од страна на Колективното претседателство;
- одлучува за иницирање, приклучување или напуштање на тековни кампањи или акции од иницијативи за општествени промени;
Член 21
(1) Редовните седници на Собранието се одржуваат најмалку еднаш месечно.
(2) Редовните седници на Собранието ги свикува застапникот по сопствена
иницијатива, по предлог на Колективното претседателство, или на предлог на 1/3 од членовите на Собранието (иницијатори).
(3) Ако застапникот во рок од 5 дена од денот на дадениот предлог не свика редовен
состанок, седницата ја свикува Колективното претседателство или иницијаторите.
(4) Собранието на своите редовни седници одлучува доколку се присутни мнозинството од вкупниот број членови на здружението, а одлучува со мнозинство од вкупниот број членови на здружението (апсолутно мнозинство).
КОЛЕКТИВНО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО
Член 22
(1) Колективното претседателство е извршен орган на здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје, чии работи се поврзани со општо управување и следење на секојдневното работење на здружението.
(2) Персоналниот состав на Колективното претседателство се состои од:
- пет члена доколку вкупниот број на членови на здружението изнесува до 15 члена;
- седум члена доколку вкупниот број на членови на здружението изнесува помеѓу 16 и 30 члена;
- девет члена доколку вкупниот број на членови на здружението изнесува над 30 члена
(3) Застапникот на здружението истовремено е член на Колективното
претседателство.
(4) Мандатот на членовите на Колективното претседателство е две години, со
право на повторен избор.
Член 23
(1) Колективното претседателство:
- го следи спроведувањето на статутот, политичката платформа и годишната програма за работа;
- предлага до Собранието измени и дополнувања на статутот;
- предлага до Собранието донесување на други акти за воспоставување соодветни процедури за работа на здружението;
- управува и се грижи за имотот и средствата на здружението;
- предлага до Собранието одлуки за набавка и отуѓување на основни средства;
- предлага до Собранието вработување или хонорарно ангажирање на членовите или други лица;
- формира работни тела и комисии;
- предлага до Собранието доделување на награди и признанија;
- предлага до Собранието, или согласно ургентноста самостојно одлучува за иницирање, приклучување или напуштање на тековни кампањи или акции од иницијативи за општествени промени;
- изготвува годишен извештај за својата работа и ја презентира пред Собранието на годишното заседение;
- изготвува годишен финансиски план и годишен финансиски извештај и ги презентира пред Собранието на годишното заседение;
- одобрува годишна сметка;
- подготвува и спроведува одлуки на Собранието;
- воспоставува показатели и ги оценува работните достигнувања;
- ги следи и спроведува останатите одлуки на Собранието;
- одговара за своето работење пред членовите на Здружението;
- ги претставува, води и мотивира членовите;
- одговара за ризиците со кои може да се соочи здружението во правниот промет и во односот со трети лица;
- врши други работи во согласност со овој статут и со општите акти на Собранието;
Член 24
(1) Колективното претседателство работи и одлучува на состаноци кои се одржуваат најмалку еднаш неделно.
(2) Колективното претседателство своите одлуки ги донесува со мнозинство од вкупниот број членови (апсолутно мнозинство).
(3) Седниците на Колективното претседателство ги свикува застапникот по сопствена иницијатива, по барање на двајца членови на Колективното претседателство или по барање на 1/5 од членовите на Собранието.
(4) За работата на седниците се води записник, којшто го потпишува претседавачот на состанокот.
(5) Колективното претседателство донесува деловник за работа на Колективното претседателство.
ЗАСТАПНИК
Член 25
(1) Застапникот е лице кое го претставува и застапува здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје во согласност со важечките закони и статутот.
(2) Административно-технички работи за Здружението ги врши Застапникот кој:
- го застапува здружението во правниот промет со трети лица;
- ја води архивата на примени и испратени писма на здружението, за кои навремено известува на состаноците на Колективното претседателство.
- навремено ги доставува финансиските извештаи и годишни завршни сметки до надлежните државни институции;
- врши исплата на достигнатите финансиските обврски на здружението, за кои навремено известува на состаноците на Колективното претседателство.
- изготвува годишен извештај за попис на основните средства на здружението
- врши други административни работи во согласност со статутот и останатите општи акти на здружението.
(3) Мандатот на застапникот е две години, со право на реизбор.
IV. ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ
Член 26
Здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје средствата за финансирање ги стекнува од членарина, доброволни прилози, донации, подароци, закупнини и други приходи во согласност со важечките закони и статутот.
Член 27
Финансиските средства на здружението се употребуваат за остварување на целите на здружението определени со статутот, политичката платформа и годишната програма на здружението.
Член 28
Висината и начинот на распределба на средствата на Здружението се утврдуваат
секоја година со годишен финансиски план.
Член 29
(1) Здружението СОЦИЈАЛИСТИЧКА ЗОРА – Скопје води сметководство, поднесува годишна сметка и врши попис на основните средства.
(2) Колективното претседателство со општ акт го уредува финансиското работење на Здружението.
(3) Колективното претседателство го одобрува Годишниот извештај за попис на основните средства на здружението.
V. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 30
Толкување на одредбите на овој статут дава Собранието.
Член 31
Измени и дополнувања на овој статут се вршат на ист начин и постапка како при донесување.
Член 32
Овој статут влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави на интерни и јавни канали за комуникација на Здружението во рок од 8 дена од денот на упис во регистарот на други правни лица.
Скопје, 14.09.2021 година